Едно лице загина во силното невреме што ги зафати областите околу Барселона и Валенсија на шпанското средоземноморско крајбрежје, предизвикувајќи поплави и прекини во сообраќајот.
Водата го однела автомобилот на еден маж додека се обидувал да помине преку поток, кој вообичаено е мал, во близина на Оливеља, југозападно од Барселона, соопштија пожарникарите во четвртокот.
Спасувачките екипи го пронашле неговото тело неколку часа подоцна, соопшти полицијата. Шпанскиот весник „Ла Вангуардија“ објави дека жртвата била британски државјанин кој живеел во таа област.
Во средата, во таа област за само неколку часа наврнаа и до 80 литри дожд на квадратен метар.
Уште пообилни врнежи ја зафатија Валенсија и околните подрачја, каде што беа регистрирани и до 100 литри на квадратен метар.
Во Барселона и во Валенсија беа откажани летови и дојде до прекин во локалниот сообраќај. Патиштата во североисточна Шпанија се претворија во поројни текови, а беа поплавени и подруми.
Силните налети на ветер со брзина до 100 километри на час откорнаа бројни дрвја, а мораше да се откаже и фудбалски натпревар од првата лига.
Поплавени се и патиштата во регионот Мурсија.
Во октомври 2024 година, регионот Валенсија беше погоден од една од најтешките поплави во шпанската историја, што резултираше со најмалку 229 жртви и штети во вредност од милијарди.
Шпанската национална метеоролошка служба, AEMET, предупреди дека затоплувањето на Средоземното Море – предизвикано од климатските промени – би можело да доведе до почести појави на екстремни врнежи.












