четврток, септември 17, 2026
Дома СВЕТ Американската војска се подготвува и за војна во вселената – Двојно ќе...

Американската војска се подготвува и за војна во вселената – Двојно ќе ги зголеми своите вселенски сили

1
EPA/CHRIS LIVINGSTON

Американската војска мора да се подготви за можни конфликти кои, освен во орбитата на Земјата, би можеле да се случат и околу Месечината. Ова го објави претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, генерал Ден Кејн, на конференцијата за воздухопловство, вселена и кибер безбедност во Мериленд, во близина на Вашингтон, јавува „Асошиејтед прес“.

Кејн нагласи дека американските сили мора да се приспособат на проширувањето на можниот простор за војување, за да бидат подготвени да „се борат, да издржат и да победат од морското дно до цислунарниот простор (тридимензионален простор што се протега од Земјата до Месечината). Тој ја даде оваа изјава откако шефот на Министерството за воздухопловни сили на САД, Трој Мајнк, потврди на истата конференција дека САД веќе имаат „оружје за контрола на вселената во орбитата“, без да открие за каков вид системи станува збор или за нивните специфични способности. Според него, тие се наменети да ги заштитат американските сили од непријателски дејства.

– Човештвото се движи подлабоко во вселената, а задачата на вселенските сили е да ни помогнат да бидеме подготвени да ги браниме американските интереси, рече генерал-потполковник Грегори Гагнон, командант на Борбената команда на американските вселенски сили.

Тој, исто така, најави значително зголемување на американските вселенски сили, со удвојување на нивниот број во следните пет години, на приближно 25.000. Притоа, околу две третини од зголемувањето би одело во Командата на борбените сили. Гагнон се осврна и на процените на американската разузнавачка заедница дека потенцијалните противници се обидуваат да го прошират војувањето во вселената и особено ја издвои Кина и нејзините активности во вселенската област. Но, Пекинг се спротивстави на американската објава, предупредувајќи на опасноста од трка во вооружување. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, рече дека Кина се залага за мирно користење на вселената и го повика Вашингтон да „престане да ги шири своите воени подготовки во вселената“, објави „Ројтерс“.

Овие најави од САД, исто така, го поведоа прашањето за врската на воените активности со Договорот за вселената од 1967 година, кој забранува поставување нуклеарно и друго оружје за масовно уништување во орбитата и негово распоредување на небесни тела или на друго место во вселената. За Месечината и за другите небесни тела е пропишана употреба исклучиво за мирољубиви цели, со забрана за воени бази, тестови на оружје и воени маневри. Сепак, договорот не содржи експлицитна општа забрана за поставување конвенционално оружје во орбитата, па затоа самото американско соопштение не е доволно за да се заклучи дека е прекршен.

 

ИЗДВОЕНИ