
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп од јануари, кога по втор пат стапи на претседателската должност, присуствувал само на 12 разузнавачки брифинзи, односно, таканаречени „претседателски дневни извештаи“, објави американски „Политико“.
Во споредба со неговиот прв манат, кога редовно имаше два такви брифинзи неделно, овогодишното темпо претставува значаен пад, истакнува порталот. Според распоредот што го води веб-страница Faceba.se, Трамп во текот на јануари, февруари и март присуствуал на по два брифинзи месечно, додека во април и мај темпото е зголемено на еден брифинг неделно.
Некои поранешни разузнавачки службеници изразија загриженост за намалениот број брифинзи, истакнувајќи дека овие состаноци му овозможуваат на претседателот директно да добива проценки за глобалните кризи и класифицирани информации.
Сепак, Белата куќа тврди дека Трамп редовно добива информации преку комуникација со својот тим за национална безбедност.
Портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл, изјави дека Трамп секојдневно добива класифицирани информации и дека е во постојан контакт со безбедносните службеници. Некои поранешни функционери велат дека Трамп често добива информации надвор од официјалните состаноци на PDB, преку одделни брифинзи или директни повици до помошниците.
„Си-ен-ен“ претходно објави дека бројот на функционери со пристап до извештајот на PDB е намален во споредба со претходниот мандат. Минатата недела, Трамп го отпушти советникот за национална безбедност Мајк Валц, кој наводно долго време бил во напнати односи со дел од администрацијата, објави Танјуг.