Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес најави дека Украина ќе ги интензивира нападите врз руските рафинерии за нафта како одговор на новата политика на Москва за изведување воздушни напади чија цел е да се принуди населението да ги напушти Киев и другите градови, при што се тврди дека нема да се гаѓаат цивили.
Зеленски изјави дека украинското разузнавање дошло до документи кои откриваат оти рускиот претседател Владимир Путин издал „нова доктрина“ за напади, која предвидува поширок опсег на цивилни цели пред претстојната зима, пренесува Ројтерс.
„Ги видовме документите и знаеме дека е одобрено да се напаѓа инфраструктурата… логистиката… патиштата, училиштата и болниците, со цел да се изврши притисок врз луѓето да го напуштат главниот град и другите градови. Тоа е целта на операцијата“, рече Зеленски.
Тој оцени дека оваа промена во политиката произлегува од желбата на Путин да демонстрира сила во момент кога руските сили губат позиции на клучен дел од фронтот и трпат тешки загуби.
Од Кремљ не беше добиен коментар; сепак, во соопштението со кое се повикуваат странските државјани да го напуштат Киев, руското Министерство за надворешни работи наведе дека Москва ќе продолжи систематски да гаѓа цели – што е опишано како одмазда за украинските напади врз Русија во последните месеци.
„Вивалди“
Зеленски изјави дека е во тек украинска контраофанзива со кодно име „Вивалди“, при што се ослободени околу 140 квадратни километри територија во источниот регион Донбас – област за која Русија тврди дека мора целосно да ја контролира како услов за каков било мировен договор.
Според агенцијата, во последните недели администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги оживее преговорите насочени кон ставање крај на четиригодишниот конфликт – најкрвавиот во Европа по Втората светска војна.
Минатиот месец, Трамп ја повика Украина да се воздржи од напади врз руските нафтени постројки, наведувајќи дека таквите напади придонесуваат за пораст на глобалните цени на дизелот.
Сепак, Зеленски изјави дека не добил никаков сигнал од Русија оти Путин е заинтересиран за мировни преговори или разговори за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура.
„Мораме да возвратиме на секој можен начин“
Додека во позадина се слушаа сирени за воздушна опасност, Зеленски истакна дека во текот на изминатата недела Киев бил изложен на континуирани руски напади со беспилотни летала и ракети, насочени кон енергетски и телекомуникациски објекти, како и кон патната и железничката инфраструктура.
Русија за првпат ги нападна мостовите на реката Днепар што ги поврзуваат источниот и западниот дел на Киев.
Володимир Зеленски зборува на Генералното собрание на ОН на 23 септември
Зеленски рече дека Украина ќе одговори на промената на тактиката на Москва, но нема да возврати со неселективни напади врз цивилната инфраструктура.
„Мораме да возвратиме на секој можен начин. Ако тие ја напаѓаат нашата енергетска инфраструктура, ние мораме да одговориме со напади врз нивната енергетска инфраструктура. Пред сè, врз рафинериите за нафта – изворот на пари со кои тие ја финансираат оваа војна. Но, се разбира, нема да напаѓаме цивилни цели на начинот на кој тие го прават тоа“, рече Зеленски.












