Претседателката на Косово, Вјоса Османи денес потпиша указ за распуштање на парламентот и објави дека ќе бидат распишани предвремени избори.
Османи на прес-конференција изјави дека неуспехот на пратениците да изберат претседател во четврток вечерта го турна Косово во нови избори.
„Оваа ситуација беше целосно избежна. Голема несреќа е што пратениците не ги избраа интересите на народот“, рече Османи.
Таа најави дека во текот на денот ќе одржи консултации со лидерите на парламентарните партии за датумот за закажување на предвремени парламентарни избори.
На синоќешната вонредна седница, одржана само неколку часа пред истекот на уставниот рок за избор на претседател, парламентот го прекина изборниот процес, поради немање на кворум.
За избор на претседател потребни се 80 гласа во првите два круга гласање, а најмалку 61 во третиот. Синоќа во салата беа присутни 66 пратеници од владејачката коалиција, додека пратениците од опозицијата беа отсутни.
Претходно, се одржа седница за разгледување на уставните амандмани, кои претседателката Османи ги поднесе за директно гласање за претседател, која исто така беше прекината поради немање кворум.
По затворањето на втората седница, претседателката на Собранието, Аљбулена Хаџију се обрати до Уставниот суд со барање за донесување привремена мерка за суспендирање на уставниот рок за избор на претседател.












