Раководителот на Секторот за урбанизам, Џенгис Хани, информираше за весникот ВЕЧЕР дека третата фаза опфаќа изградба на паркинг со две подземни нивоа, со вкупна површина од над 14.000 квадратни метри, односно со површина од над 7.000 квадратни метри на секое ниво. Вкупниот капацитет на двете нивоа ќе биде 400 возила, односно по 200 возило на секое ниво, а ќе има и паркинг-места за лицата со посебни потреби. Хани објасни дека надземниот дел на паркингот ќе биде пешачка зона и ќе биде уреден со неколку фонтани што ќе бидат без корито, а ќе биде поставена урбана опрема, односно клупи, жардиниери, како и нови канделабри. Се очекува за околу два месеци да почнат градежните активности, а изградбата ќе трае две-три години
Отстранета е административната пречка за реализација на третата фаза од плоштадот „Скендербег“. Имено, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, информираше дека Владата ја донела одлуката за пренос на сопственоста на земјиштето на плоштадот „Скендербег“ на Општина Чаир.
Според Меџити, со оваа одлука се создадени сите предуслови за отворање на постапката за јавна набавка и започнување на градежните работи за заокружување на еден од најзначајните проекти.
– Со одлуката на Владата се отстранува последната административна пречка и се отвора патот за реализација на третата фаза од плоштадот „Скендербег“. Сега се создадени сите услови многу брзо да почне постапката за јавна набавка и реализацијата на овој значаен проект – изјави Меџити.
Раководителот на Секторот за урбанизам, Џенгис Хани, информираше за весникот ВЕЧЕР дека третата фаза опфаќа изградба на паркинг со две подземни нивоа, со вкупна површина од над 14.000 квадратни метри, односно со површина од над 7.000 квадратни метри на секое ниво.
– Вкупниот капацитет на двете нивоа ќе биде 400 возила, односно по 200 возило на секое ниво, а ќе има и паркинг-места за лицата со посебни потреби – нагласи Хани.
Тој објасни дека надземниот дел на паркингот ќе биде пешачка зона и ќе биде уреден со неколку фонтани што ќе бидат без корито.
– Воедно, ќе биде поставена урбана опрема, односно клупи, жардиниери, како и нови канделабри – наведе Хани.
Реализацијата на оваа трета фаза чини околу 25 милиони евра.
– Проектот е готов, а наредната недела се очекува и одобрението за градба. Потоа ќе се распише јавна набавка за избор на најповолен изведувач. Така што се очекува за околу два месеци да почнат градежните активности – истакна Хани.
Тој додаде дека реализацијата ќе се одвива во фази, најмалку две, бидејќи се работи за покомплексен објект, кој ќе се гради на фреквентно место, каде што постојано има движење на луѓе. Изградбата би таела две-три години.
Изградбата на плоштадот „Скендербег“ почна на 17 јануари 2012, кога беше поставен камен-темелникот. Првата фаза на плоштадот заврши во 2013 година. Втората фаза почна со реализација во 2016 година, а плоштадот беше пуштен во употреба во 2017 година. Чинеше вкупно околу 11 милиони евра.
Идејното решение за изградба на плоштадот „Скендербег“ го изработи бирото „Архи груп“, а автори се архитектите Бетим Зеќири, Бекир Адеми и Бесијан Мехмети.
(А. П.)












