Советот на Општина Аеродром донесе три значајни одлуки со кои се унапредува поддршката за младите жители, се вреднуваат успесите и талентите на учениците и се воспоставуваат повисоки стандарди за одговорност, отчетност и транспарентност во работењето на локалната самоуправа.
Изгласано е зголемување на старосната граница за ослободување од општинскиот дел од комуналиите за изградба на прв дом, од досегашните 35 на 40 години.Сите млади до 40 години што ги исполнуваат условите ќе можат да остварат целосно ослободување од комуналии, во согласност и со мерката на Град Скопје. Другите услови остануваат непроменети. Донесена е и одлука за доделување еднократни парични награди за учениците од VII до IX одделение во општинските основни училишта кои постигнале посебни успеси во науката и технологијата, уметноста и литературата, спортот, како и за учениците со посебни образовни потреби кои покажале исклучителен инклузивен напредок. Право на награда ќе имаат учениците кои ги исполнуваат утврдените услови што ќе бидат објавени навремено во јавен повик. Постигнувањата треба да бидат остварени во тековната или претходната учебна година.
За првпат, Општина Аеродром донесе и Кодекс со кој се утврдуваат јасни правила и стандарди за однесување и работење на градоначалникот, претседателот и членовите на Советот, како и на другите носители на јавни функции во Општината.












