Ширење лажни информации кои можат да ја загрозат стабилноста на банкарскиот и финансискиот систем би можело да стане ново кривично дело за кое ќе се предвидува и затворска казна. Ова е предвидено со новиот Кривичен законик, кој веќе е испратен до Европската комисија. Информацијата ја соопшти пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, во телевизиско гостување.
Според најавеното решение, кривична одговорност ќе сносат лицата кои, злоупотребувајќи ја својата службена или општествена положба и углед, преку лажни изјави или документи пласираат неточни информации со кои се загрозува стабилноста на банкарскиот систем.
– Не можете да ширите лажни информации, да се обидувате политички да профитирате и за тоа да не сносите одговорност. На овие ситуации ќе им ставиме крај – порача Бојковска.
Таа упати критики до опозициската СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека со своите јавни настапи за случајот со Алта банка создава страв и паника кај граѓаните.
Според Бојковска, во момент кога Владата и Народната банка работат на изнаоѓање решение за преземање на банката од друга финансиска институција, политичките пресметки не треба да бидат пред интересите на штедачите.
Засега не се соопштени деталите за висината на затворските казни и конечната формулација на новото кривично дело. Предвидените законски измени допрва треба да го поминат соодветниот законодавен процес.












