ДОМ реагира на нацрт-планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје до 2031 година, оценувајќи дека во него недостасуваат конкретни мерки за контрола на старите дизел-возила и автомобилите со отстранети или нефункционални ДПФ-филтри. Од партијата предупредуваат дека додека во планот се предвидуваат електрични автобуси и изградба на велосипедски патеки, целосно се занемарува проблемот со постојниот возен парк, кој, според нив, е значаен извор на штетни емисии и опасни ситни честички во воздухот.
ДОМ бара воведување ригорозни контроли на дизел-возилата, со задолжително проверување на исправноста на ДПФ-филтрите и мерење на емисиите на штетни честички. Дополнително, предлагаат ограничување на увозот на стари дизел-автомобили и работни машини со високо ниво на загадување, како и почести мобилни контроли и санкционирање на прекршителите.
Едно од барањата е воспоставување координиран систем меѓу МВР, Град Скопје и надлежните инспекторати, преку кој возилата што ги надминуваат дозволените граници ќе можат да бидат исклучени од сообраќај. Од ДОМ предлагаат и системот „Безбеден град“ да се користи за идентификација на ризични возила преку регистарските таблички и нивно упатување на вонреден еколошки преглед.
Партијата инсистира овие мерки да бидат вклучени во конечниот план, со конкретни рокови и обезбеден буџет, оценувајќи дека борбата против загадувањето бара реални контроли и спроведување на мерките, а не само стратегии на хартија.












