Сојузот на спортови на Скопје ја одржа 57. свеченост за доделување на традиционалните награди „13 Ноември“, на која беа прогласени најуспешните спортисти, тренери, спортски работници и организации за нивните достигнувања и придонес во развојот на спортот. На свеченоста, одржана во спортскиот центар „Јане Сандански“, беа доделени вкупно девет признанија.

За најдобар спортист на Скопје е прогласен каратистот Матеј Белистојаноски, кој зад себе има исклучително успешна година на меѓународната сцена. Тој освои златни медали на Серијата А во Тбилиси, Европското првенство за У21 во Лимасол и Медитеранските игри во Таранто, со што уште еднаш го потврди својот квалитет.

ФОТО: П. С.

Едно од најзначајните признанија, наградата за животно дело во спортот, му припадна на легендарниот кошаркарски тренер Марин Докузовски. Станува збор за еден од најтрофејните македонски тренери, кој засекогаш ќе остане запаметен по историскиот успех со репрезентацијата на Македонија и освоеното четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.

Меѓу наградените се најде и Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, кој доби признание за извонредните достигнувања на експедицијата „Врело 2026“. Македонскиот клуб реализираше историски подвиг, поставувајќи неколку светски рекорди во истражување и нуркање, вклучително и достигнувања поврзани со најдлабоката пештера во светот во која навлегол човек.

Признание за својот придонес доби и карате-тренерот Александар Кузмановски, селектор на македонската А-репрезентација во борби и тренер во „Олимпик Скопје“.

Наградени беа и професорот по физичко образование, Дејан Боневски, меѓународната ракометна судиска двојка Силвана Карбеска и Марија Илиева, спортскиот новинар Сашо Кузмановски, како и Ирена Митровска за нејзиниот придонес во развојот на спортското организирање и федерациите.

Традицијата на доделување на наградите „13 Ноември“ трае од 1970 година, а признанијата се доделуваат во чест на ослободувањето на Скопје. Со нив се оддава почит на оние што со своите резултати, работа и посветеност оставиле значаен белег во македонскиот спорт.

(К. Т.)

ИЗДВОЕНИ