четврток, ноември 12, 2026
Дома СКОПСКА ​Одбележан 12 Ноември – Денот на ослободувањето на Драчево

​Одбележан 12 Ноември – Денот на ослободувањето на Драчево

1

Општина Кисела Вода денеска го  одбележа 12 Ноември – Денот на ослободувањето на Драчево. По тој повод, градоначалничката, Бети Стаменкоска-Трајкоска, положи свежо цвеќе пред спомен-плочата кај Домот на културата.

– Настанот беше во организација на Сојузот на борци на Македонија и поддржувачи на борците од Кисела Вода. Преку оваа свеченост беше одбележано херојското минато и денот кога Драчево ја извојува својата слобода – соопштија од локалната самоуправа.

Во одбележувањето биле вклучени и учениците од двете основни училишта во Драчево, ООУ „Св. Климент Охридски“ и ООУ „Кузман Шапкарев“, кои приредиле пригодна програма. Во знак на благодарност за континуираната поддршка и соработка во активностите за негување на спомените од НOБ, Сојузот на борци ѝ врачи благодарница на Општина Кисела Вода.

– Пред 82 години, 500 храбри борци со малку оружје, но со огромна желба за слобода, придружени од младинците на Четвртиот скопски партизански одред, тргнале во одлучувачка битка. Се присетуваме на нивната жртва, на херојството на железничката станица во Драчево, како и на нивната заслуга хидроцентралата Матка да остане неурната. Веднаш по ослободувањето на Драчево, овие херои се упатиле кон Скопје, каде што утредента се вклучиле во жестоките битки за слободата на главниот град. Во тие борби паднале многу херои чии имиња се трајно врежани во нашата колективна меморија. Нивното херојство е наш аманет кој мора им да го пренесеме на генерациите по нас – истакна Стаменкоска-Трајкоска.

 

ИЗДВОЕНИ