четврток, ноември 12, 2026
Дома СКОПСКА До средината на декември, скопјани ќе се возат до Милениумскиот крст

До средината на декември, скопјани ќе се возат до Милениумскиот крст

1

До средината на декември се очекува да заврши комплетната реконструкција на жичницата на Водно и потоа да биде пуштена во функција. Според скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, реконструкцијата се одвива со засилен интензитет.

Тој, заедно со директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Саше Илиевски, извршиле увид на терен.

Илиевски информира дека се менуваат потребните делови и оти се очекува до средината на декември да заврши реконструкцијата, по што жичницата ќе биде пуштена во употреба. Освен тоа, тој информираше дека моторот бил испратен на поправка во странство и оти се очекува деновиве да пристигне и да се монтира. Исто така, сите кабини се спуштени долу.

Според договорот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, сервисирањето го врши производителот, австриската фирма „Допелмаер“, и ќе чини околу 850.000 евра.

– Ја обновуваме жичницата, Скопје повторно ќе ужива во својот најубав поглед. Жичницата е едно од омилените скопски доживувања. Таа нѐ носи поблиску до природата и до глетката што секогаш нѐ потсетува колку е убав нашиот град – истакна Ѓорѓиевски.

Жичницата беше затворена на 25 април годинава, со најава од ЈСП „Скопје“ кое стопанисува со неа, дека нема да работи два дена, но по проверките што ги изврши тимот од австрискиот производител, градските власти одлучија да не ја пуштаат повторно во сообраќај. При увидот беа констатирани сериозни недостатоци, последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и нередовното одржување од страна на претходните раководства.

– Беше потребен обемен и темелен зафат, занемаруван речиси една деценија. Затоа жичницата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сѐ. Тука нема компромис – одлучен е Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ