Голем удар за Голден стејт, откако нивната најголема ѕвезда Стеф Кари се повреди на дуелот против Хјустон Рокетс, кој неговиот тим го загуби со 115:108.
Искусниот плејмејкер почувствува силна болка во десната страна на стомакот уште во првата четвртина, поради што мораше предвреме да го напушти натпреварот. Иако првично се обиде да продолжи, по погодената тројка од речиси девет метри даде знак дека не може да ја продолжи играта.
Кари веднаш замина во соблекувалната, а потоа беше испратен на магнетна резонанца за да се утврди сериозноста на повредата.
- Многу сме загрижени, но немам претстава колку е сериозна повредата, изјави тренерот Стив Кер.
Неговото евентуално подолго отсуство би било огромен проблем за Вориорс, кои веќе не можат да сметаат на Џими Батлер, Мозес Муди и Кристапс Порзингис.
Пред овој натпревар, Кари имаше фантастичен просек од 30,6 поени и беше еден од главните виновници за серијата од осум последователни победи на Голден Стејт. Сега сите во клубот со нетрпение ги очекуваат резултатите од прегледите, особено пред следниот дуел против Сан Антонио.











