„Поезијата е таа невидлива сила што носи виталност, слобода и радост. Верувам дека токму таа ќе ни помогне да опстоиме и да го сочуваме светот за идните генерации… Јазикот и поезијата создаваат простор во кој луѓето можат да се сретнат како еднакви, без насилство и конкуренција, преку искрен дијалог и меѓусебно разбирање“. Токму овие зборови, на годинашната добитничка на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата – „Златен венец“ за 2026, холандската поетеса Анеке Брасинга одекнаа во рамките на јубилејното 65. издание, фестивалот кој заврши вчеравечер со врачување на највисоките признанија, „Златен венец“ и „Браќа Миладиновци“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ на Мостот на поезијата во Струга.

Наградата „Златен венец“ на холандската поетеса ѝ ја врачи в. д. директорот на Струшките вечери на поезијата, Никола Кукунеш. Претседателката на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, Наташа Аврамовска, ѝ ја додели наградата на Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“. Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија. Во рамките на фестивалската програма, на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство му беше врачена наградата „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и СВП ја доделуваат за најдобар поет-дебитант за стихозбирката „Нови познати фрази“. Наградата „Стојан Христов“, која ја доделуваат СВП и Агенцијата за иселеништво му беше доделена на Ибраим Џемаил – Скарабеус за книгата „Патешествие низ времиња“.

Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски,

ја нагласи континуираната соработка со 35 фестивали во Европа во рамките на платформата „Версополис“, преку која се промовираат поети кои се сметаат за значајни идни гласови на европската поетска сцена. Годинава во рамки на програмата учествуваа Ален Бешиќ од Србија и Гаја Џованоли од Италија, со тројазични избори од нивното творештво.

Поетесата Марија Ангеловска, пак, е добитничка на наградата „Енхалон” за најдобра прочитана песна од млад автор, а поетесата Лју Јуе од Кина ја доби наградата „In vino veritas“ за најдобра песна посветена на виното.

На 65. издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа околу 70 поети од земјава и странство. Учесниците на фестивалот од Струга уште еднаш ја испратија пораката дека поезијата е универзален јазик без граници, кој ги обединува луѓето и народите од сите страни на светот.

Манифестацијата почна со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитничката на „Златен венец“ и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. Струшките вечери на поезијата се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирани се од Министерството за култура и туризам.

 

ИЗДВОЕНИ