Иако официјалните статистики континуирано покажуваат зголемување на просечната нето-плата во Македонија, распределбата на платите открива сосема поинаква реалност. Анализата на податоците покажува дека бројот на работници кои примаат плата токму во висина на просечната е речиси занемарлив – во зависност од месецот, таква плата земаат од нула до само 11 работници во државата.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека токму овие бројки покажуваат зошто просечната плата не смее да биде единствениот показател за економската состојба на работниците.
– Фактот дека само од нула до 11 работници месечно примаат плата точно во висина на просечната е најдобар доказ дека просечната плата не ја покажува реалната слика. Најголемиот број работници се далеку под тој износ, а повеќе од половина примаат минимална плата или плата блиску до минималната. Затоа е потребен раст на платите кој ќе го почувствуваат сите работници, а не само мал број вработени во најплатените сектори, велат за весникот ВЕЧЕР од ССМ.
Според анализата, околу 72 до 74 проценти од вработените примаат плата до нивото на просечната плата, додека само 26 до 28 проценти имаат примања над просекот. Дополнително, дури 50 до 58 проценти од сите работници земаат минимална плата или плата блиску до минималната, односно до 36.900 денари.
Овие бројки покажуваат дека најголемиот дел од работниците и натаму се концентрирани во најниските платни групи, додека просечната плата ја „билда“ релативно мал број лица со значително повисоки примања. Најголемо влијание врз порастот на просекот имаат вработените во ИТ-секторот, финансиските институции, телекомуникациите, енергетиката, дел од јавните претпријатија, како и менаџерските позиции, каде платите се значително повисоки од националниот просек. Поради тоа, секое зголемување на нивните примања дополнително го подига просекот, без притоа суштински да ја подобри положбата на мнозинството работници.
И покрај тоа што просечната плата во последните две години е зголемена за околу 8.000 денари, таа сè уште покрива само околу 60 проценти од вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошница. Тоа значи дека дури и работниците кои би примале просечна плата тешко можат целосно да ги покријат основните животни трошоци на едно семејство.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, неодамна соопшти дека просечната нето-плата во Македонија пораснала од 40.496 денари во март 2024 година на 48.433 денари во март 2026 година.
–Тоа значи дека за две години просечната нето-плата е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6 проценти. Во истиот период инфлацијата изнесувала 7,8 проценти, што значи дека реалното зголемување на просечната плата достигнало околу 11 проценти, рече Стојаноски.
Тој оцени дека платите растат побрзо од цените, што, според него, ја зголемува куповната моќ на граѓаните.
Во меѓувреме, незадоволството кај работниците не стивнува. Деновиве вработените во Градскиот трговски центар АД Скопје протестираа затоа што не им било извршено законското усогласување на платите по зголемувањето на минималната плата.
– Протестот беше организиран поради игнорантскиот однос на работодавачот, кој и покрај зголемувањето на минималната плата на национално ниво, платите на вработените останале непроменети, соопштија вработените.
Тие бараат усогласување на платите за најмалку 1.600 денари, додека од ССМ потсетуваат дека усогласувањето на минималната плата е законска обврска и дека секој работник кој прима минимална плата има право на тоа зголемување.
Економските експерти и синдикатите предупредуваат дека вистинскиот показател за подобрување на животниот стандард не е само зголемувањето на просечната плата, туку колку работници навистина ги чувствуваат придобивките од економскиот пораст преку повисоки примања. Бројките покажуваат дека, и покрај порастот на статистичкиот просек, мнозинството работници и понатаму остануваат далеку од него.
(А. С.)












