четврток, август 13, 2026
Дома СКОПСКА ПОЦ доби два меѓународни ISO-сертификати

ПОЦ доби два меѓународни ISO-сертификати

9

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ продолжува со унапредување на своето работење преку воведување и примена на меѓународно признати стандарди. Со успешно завршениот процес на сертификација за ISO 9001:2015 – систем за управување со квалитетот и ISO 14001:2015 – систем за управување со животната средина, се потврдува посветеноста на ЈП ПОЦ кон воспоставување високи стандарди во работењето.

Сертификатите му беа официјално врачени на директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски, од страна на претставник на сертификациското тело „Интерцерт“, кое го спроведе процесот на сертификација. На примопредавањето присуствуваа и дел од вработените во ЈП ПОЦ, кои беа директно вклучени во воспоставувањето и имплементацијата на системите.

– Овие сертификати се резултат на конкретна работа и ангажман на повеќе служби и вработени во претпријатието. За нас, тие не се само формално признание туку и воспоставен систем според кој треба да продолжиме да работиме – со јасни процедури, мерливи резултати и постојано подобрување. Особено ни е важно што паралелно со квалитетот на услугите воведуваме и повисоки стандарди во односот кон животната средина – истакна директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски.

ISO 9001:2015 претставува потврда за воспоставен систем на управување со квалитетот, насочен кон ефикасноста, подобрувањето на работните процеси и задоволството на корисниците. Неговата примена придонесува за поголема организираност, јасно дефинирани процеси и за континуирано унапредување на услугите. Од друга страна, ISO 14001:2015 ја потврдува определбата на ЈП ПОЦ за одговорен однос кон животната средина. Преку примената на овој стандард, претпријатието се насочува кон унапредување на еколошките практики, поодговорното управување со ресурсите и кон намалувањето на влијанието врз животната средина.

Имплементацијата на меѓународните стандарди е дел од определбата на ЈП ПОЦ за создавање современо и ефикасно јавно претпријатие, кое континуирано ги следи современите практики и ги унапредува своите услуги.

ИЗДВОЕНИ