Утре во Брисел треба да се одржи состанок на Работната група за проширување и пристапни земји, каде што ќе се дискутира предлогот на Европската комисија за започнување преговори на Европската Унија со Западен Балкан за склучување билатерални договори за роаминг со секоја земја партнер, а од нив ќе се очекува да ги почитуваат стандардите на политиката за роаминг на ЕУ.
Доколку преговорите бидат успешно завршени, граѓаните на Македонија и на целиот Западен Балкан ќе можат да се јавуваат, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилни податоци во Европа по цени како дома, додека граѓаните на ЕУ ќе имаат исти бенефиции кога патуваат во Западен Балкан.
Договорот ќе гарантира дека потрошувачите ќе имаат право на ист квалитет и брзина на мобилни мрежи како дома и дека контактирањето со службите за итни случаи е бесплатно.
Придобивките од мобилен роаминг во Европската Унија претходно беа проширени на Молдавија и Украина во јули 2025 година. ЕУ во јуни 2017 година воведе режим „Роаминг како дома“ за своите земји членки.












