По години најави и одложувања, Македонија и Бугарија направија нов чекор кон изградбата на железничката врска на Коридор 8. Во Софија вчера се одржа првиот состанок на заедничката работна група, која ќе ја координира изградбата на прекуграничниот железнички тунел.

На состанокот присуствуваа претставници од двете држави, предводени од заменик-министерката за транспорт на Македонија, Калтрина Зеколи Шаќири, и нејзината бугарска колешка Цвета Тимева. Освен нив, во работната група се вклучени претставници од повеќе министерства, железничките претпријатија и други институции кои ќе бидат дел од реализацијата на проектот.

Според Зеколи Шаќири, станува збор за стратешки проект кој треба конечно да ја поврзе Македонија со Бугарија по железница. Очекувањата се дека со изградбата на тунелот ќе се овозможи побрз превоз на патници и стока, а тоа, како што беше посочено, би значело и поголеми можности за трговија и економска соработка меѓу двете соседни земји.

На средбата се разговарало за следните чекори околу подготовката и изградбата на тунелот, а двете страни ја потврдиле подготвеноста да соработуваат и да ја координираат работата во сите фази од проектот.

Железничкото поврзување преку Коридор 8 со години се смета за еден од најважните инфраструктурни проекти во регионот. Иако досега повеќепати беше најавуван, реализацијата постојано се соочуваше со доцнења. Со формирањето на оваа заедничка работна група, двете земји најавуваат дека ќе се обидат проектот конечно да го придвижат од зборови кон конкретни активности.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ