Општина Маврово и Ростуше почна со расчистување на патот кон селото Тресонче, Мала Река, што следува по средбата на претставниците на здружението на граѓани „Брзовец“ и градоначалникот Онер Јакупоски.
– По нашето барање, кое директно му го поставивме на градоначалникот Онер Јакупоски, Општината веднаш постапи со расчистување на патот. Следните денови ќе биде извршена и санација на ударните дупки со дробен асфалт – објави граѓанското здружение „Брзовец”.
Тие изразуваат благодарност до Општината Маврово и Ростуше и до градоначалникот за брзата реакција.
На работната средба, пред два дена, со градоначалникот Јакупоски и со претставниците на здружението станало збор за повеќе важни прашања за Тресонче, со акцент токму за состојбата на патот од клучката до селото.
– Укажавме дека лошата состојба на патот влијае врз секојдневниот живот на жителите, туризмот и пристапот во итни случаи. Очекуваме она што го договоривме да се реализира во најкраток можен рок, во интерес на Тресонче и на сите негови посетители – посочуваат од здружението.
Селото Тресонче е едно од повеќето села во областа Мала Река и родно место на познатиот Дичо Зограф, на Сирма војвода, како што велат жителите „е место со најубав изгрев на сонцето“.












