четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Над еден милион евра за нови улици во Општина Валандово

Над еден милион евра за нови улици во Општина Валандово

54

Министерството за транспорт објави јавна набавка за реконструкција на улици во Општина Валандово, со проценета вредност од 55.508.475 денари без ДДВ, односно околу 65,5 милиони денари вкупна инвестиција.

Станува збор за рекорден инфраструктурен проект со широк опсег на улици за Општина Валандово, кој опфаќа 17 улични делници во пет населени места, во вкупна должина од 4.642 метри.

Опфатени се: три улици со вкупна должина од 623 метри во селото Собри, две со вкупна должина од 610 метри во селото Пирава, три со вкупна должина од 773 метри во селото Брајковци, уште толку во Раброво, со вкупна должина од 1.079 метри и шест улици со вкупна должина од 1.557 метри во селото Марвинци.

– Оваа инвестиција значи подобра инфраструктура, поголема безбедност и полесен живот за сите граѓани, обезбедувајќи побезбедни улици за децата, подобар пристап до домовите и поквалитетни услови за живот за секое семејство – соопштија од Општина Валандово.

Оттаму истакнаа дека оваа капитална инвестиција претставува дополнително вложување, покрај редовните програми на Општина Валандово за изградба и реконструкција на улици, што, како што велат, значи уште поголем инфраструктурен опфат и уште посилен инвестициски циклус за целата општина.

Од Општината упатија особена благодарност до општествено одговорните компании што донирале целосни проектни документации за овие улици, изгласани на првата вонредна седница на Советот на Општина Валандово, со што била овозможена нивната реализација.

– Овој проект е јасен доказ дека кога има подготвени проекти, сериозна работа и институционална координација, резултатите се видливи и мерливи. Општината продолжува со крупни проекти, силна развојна агенда и со инвестиции што оставаат трајна вредност – нагласуваат од локалната самоуправа.

 

 

ИЗДВОЕНИ