Од Општина Кисела вода информираа дека почнала првата фаза од реконструкцијата на локалниот пат од мостот „Драчево“ до поранешната фабрика ОХИС. Оттаму соопштија дека проектот опфаќа изградба на коловоз со ширина од пет метри, како и тротоари од двете страни на улицата со широчина од по 1,5 метри.
– Коловозот ќе биде зајакнат со два слоја асфалт. Вкупно, со овој проект ќе се вградат приближно 6.000 квадратни метри нова асфалтна површина и ќе се поплочат тротоари од 3.000 квадратни метри, со што трајно ќе се обезбеди квалитетно и функционално решение за сите учесници во сообраќајот – велат општинските власти.
Трасата е со вкупна должина од 1.173 метри.
– По претходно извршеното сеопфатно чистење на децениските диви депонии што се создавале по нејзината должина, почетните активности сега опфаќаат широк ископ и „одвоз“ на земјен материјал. По ова, ќе следува вградување на дробен камен за целосна стабилизација на долниот и на горниот строј на улицата пред нејзиното асфалтирање – појаснуваат од Општина Кисела Вода.
Овој значаен инфраструктурен зафат се реализира со средства обезбедени преку унгарскиот кредит (проекти фаза 2) од Владата на Република Македонија, а се изведува преку договор со Министерството за транспорт.
– Со овој проект, трајно обезбедуваме едно квалитетно и функционално решение за сите учесници во сообраќајот. Зад ваквите силни инвестициски циклуси стои одличната синергија со централната власт – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.












