Започна реализацијата на првата фаза од реновирањето на спортската сала „Јане Сандански“ во Пехчево, проект кој се спроведува во соработка помеѓу Општина Пехчево и ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево, како краен корисник на објектот.
Од Општина Пехчево информираа дека во рамките на оваа фаза ќе се демонтира постојниот и дотраен систем за греење и ќе се инсталира новиот систем за затоплување, кој ќе обезбеди повисока енергетска ефикасност, поголема сигурност во работењето и подобри услови за користење на спортската сала во текот на целата година.
– Проектот се финансира со сопствени средства и претставува значаен чекор кон подобрување на спортската инфраструктура во општината. Новиот систем за греење ќе овозможи непречено користење на салата во зимски услови, како за учениците од ООУ „Ванчо Китанов“, така и за спортските клубови и граѓаните – информираа од Општина Пехчево.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, кој изврши увид во работите истакна дека станува збор за инвестиција која директно придонесува за подобри услови за спорт и рекреација, додека директорката на ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево, Емилија Станоевска, ја нагласи важноста на проектот за подобрување на условите за реализација на наставата по физичко образование и спортските активности.
Ова е прва фаза од планираното реновирање на спортската сала, со што продолжуваат заложбите за модернизација на јавната инфраструктура и создавање подобри услови за младите и локалната заедница.












