Поскапување на парното греење во Скопје од почетокот на следната година е сè поизвесно, откако компаниите од топлинскиот сектор побараа промени на одобрените приходи, а цената на природниот гас бележи значителен раст. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе се обиде да го ублажи поскапувањето и да го заштити животниот стандард на граѓаните.
– Цената на гас е три пати поголема од минатогодишната цена за истиот период, но и тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно да биде во рамките на она што минимум може да се издржи. Наш приоритет е заштита на стандардот – изјави Мицкоски и посочи дека ситуацијата е сериозна и дека Владата со механизмите што ѝ стојат на располагање се обидува да го амортизира ценовниот удар.
Од ЕСМ информираат дека цената на природниот гас на берзата EEX/TTF во октомври пораснала за околу 60 % во споредба со цената што била земена предвид при одобрувањето на актуелните тарифи. Поради зголемените трошоци, компаниите од топлинскиот сектор побарале корекција на одобрените приходи и цените на топлинската енергија.
Конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ги анализира доставените барања и да утврди кои трошоци се оправдани. Инаку, од 1 август годинава скопјани веќе плаќаат повисоки сметки за парно, од 3,6 до речиси 6 проценти. Најголемо зголемување од 5,96 % имаше кај корисниците на ЕСМ Снабдување. Доколку РКЕ одобри нови цени, домаќинствата ќе се соочат со дополнителен финансиски товар.












