Професорката Симона Груевска-Маџоска, која на 12 мај си поднесе оставка од функцијата претседателка на Советот за македонски јазик, во објава на „Фејсбук“ денес истакна дека неотповикливата оставка ја поднела од објективни, а не од лични причини, како што претходно изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
– Вистината е дека за една и пол година, колку што бев претседател на Советот за македонски јазик, не сум имала ниту една средба со министерот за култура и туризам. Ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот како што е ред ниту барем да ми се заблагодари за сите активности што ги направив во текот на минатата година со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Патем, сето тоа беше направено без пари… јас дури и сценариото го напишав без пари (нешто што го направив првпат во животот, зашто сум научник, а не сценарист), зашто сѐ уште има луѓе што си ја сакаат татковината, вели во објавата Груевска-Маџоска.
Додава дека една година „трчала и молела“ да се почне со изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик.
–На моето барање за средба со правната служба на Министерството за култура и туризам ми беше пренесено дека биле многу зафатени (?!) и дека треба да се обратам до министерот, што и го сторив на 29 мај 2025. Чекав одговор повеќе од 6 месеци, кога повторно го ставив на дневен ред на седница на Советот за македонски јазик, па се растрчаа со смешна приказна дека министерот не го добил дописот. Работната група за изработка на Стратегијата се формираше дури на крајот на јануари 2026, со член од Министерството за култура, кој беше еден вид петта колона во групата, за што ѝ пишав на државниот секретар и не добив одговор. Притоа, барав прием кај министерот и два месеци чекав пред да ја дадам оставката, а никогаш не го добив, додава таа.
Посочува дека на крајот, се закажала јавна расправа за Националната стратегија за култура, за која пишувачите никогаш не се консултирале со Советот за македонски јазик.
Додава и дека на јавната расправа, отишла со намера да ги каже забелешките, но од државниот секретар ѝ било кажано да не зборува јавно бидејќи „на нивни предлог била избрана за претседател“.
–Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со неличните причини. Забелешките за Националната стратегија за култура ги доставив до Комисијата за култура при Собранието и до Министерството. Никој потоа не ме контактираше (официјално), ниту добив некаков одговор ниту од Владата ниту од Министерството. Мислам дека е доволно за да се процени дали од лични причини сум ја дала оставката или од објективни! Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош!, завршува таа во својата објава на „Фејсбук“.
Одговор на острата критика на Симона Груевска-Маџоска набрзо стигна од министерот Љутков.
– Со длабоко разочарување го прочитав Вашиот објавен текст. Кога ја примив Вашата оставка, се договоривме да ја избегнеме јавната полемика токму за да го заштитиме угледот на Советот за македонски јазик и да не го вовлекуваме прашањето за македонскиот јазик во непотребни политички препукувања. Јас лично се трудев да ја почитувам таа согласност и да ја заштитам Вашата позиција. За жал, сега сум принуден јавно да реагирам, напиша Љутков на „Фејсбук“.
Љутков вели дека за одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Владата и Министерството се ангажирале сериозно и системски и било формирано Координативно тело во кое учествувале претставници од Кабинетот на претседателот, Канцеларијата на претседателот на Владата, МАНУ, Советот за македонски јазик, државните универзитети…, а кое интензивно работело на сеопфатна Програма.
– Средствата беа обезбедени во рамки на одобрениот буџет за 2025, при што секоја институција придонесуваше со своја програма и ресурси. Не станува збор за „немање пари“, туку за координиран, институционален пристап кој ја надминува индивидуалната ангажираност. Непристојно е да ги девалвирате оние што сериозно се вложија во одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тврдењето дека сè било направено „без пари“ и дека Вие сте работеле без надомест не ја отсликува реалноста, Вие за вашата работа бевте соодветно платени на месечно ниво. Непристојно е да го негирате Советот за македонски јазик, тоа се врвни професионалци со огромно искуство и признание, истакнува Љутков во својата објава.
Додава дека во врска со Националната стратегија за македонскиот јазик, работната група била формирана во јануари 2026, откако претходно биле направени сите потребни подготовки.
–Процесот навистина траеше подолго од очекуваното, но причината не беше занемарување, туку комплексноста на задачата и потребата од широка и темелна консултација со засегнатите страни. Забелешките за Националната стратегија за култура се доставуваат до Министерството за култура и туризам, а не директно до Собранието. Со доставувањето до Комисијата за култура во Собранието, постапката ви е формално погрешна, посочува Љутков.
Тој додава и дека не било точно дека немало комуникација.
– Координативното тело и работните групи беа токму местата каде се водеа сите суштински прашања поврзани со македонскиот јазик. Барање за лична средба, не е официјално доставено до мене, иако јас секогаш бев достапен и покрај бројните паралелни обврски. Г-ѓа Груевска, Вашата оставка ја примивме со почит. Меѓутоа, објавувањето на Вашето образложение на ваков сензационален начин, со селективно прикажување на фактите, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои сериозно и посветено работеа на јубилејот. Македонскиот јазик е далеку поважен од чија било лична промоција и мора да остане над партиски и персонални пресметки, вели во објавата Љутков, додавајќи дека останува отворен за конструктивна соработка со сите кои навистина се грижат за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.
Инаку, како што соопштија од Министерството за култура и туризам професорката Веселинка Лаброска е нова претседателка на Советот за македонски јазик.
„Владата на денешната седница го усвои Предлогот и ја именува д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и редовен професор на Институтот за македонски јазик ‘Крсте Петков Мисирков’ Скопје за нова претседателка на Советот за македонски јазик. Министерството за култура и туризам ѝ посакува успех на проф. Лаброска во работењето и очекува активно и посветено придонесување кон заштитата, унапредувањето и афирмацијата на македонскиот јазик“, стои во соопштението.
Членови на Советот, освен Лаброска, се: проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Александра Ѓуркова, академик Марјан Марковиќ, проф. д-р Михајло Марковиќ, проф. д-р Марија Паунова, академик Катица Ќулавкова и проф. д-р Гоце Цветановски.












