Како беспоштедна, но воздржана медитација за тагата, борбата за опстанок и човечката солидарност, „Добри луѓе“ зборува за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025, во кој загинаа 63 млади луѓе. Филмот им дава платформа на преживеаните и на тивките херои. Тие не се симболи, туку луѓе – ранливи, но силни, издржливи и длабоко реални. Проекцијата на документарецот „Добри луѓе“ ќе се одржи на 16 август

 

Документарецот „Добри луѓе“ на нашиот познат режисер Милчо Манчевски, кој им даде глас на преживеаните од Кочани, ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал, кој се одржува од 14 до 21 август. Проекцијата на документарецот „Добри луѓе“ што ќе се натпреварува во официјалната селекција за награди на фестивалот, кој е најреномиран во Југоисточна Европа, ќе биде на 16 август.

Манчевски со свои средства го финансираше овој филм во знак на почит кон жртвите и кон хероите од Кочани.

– За деца, за внуци – изјави тој.

Манчевски и минималната документарна екипа го создадоа „Добри луѓе“ без учество на државата.

Како беспоштедна, но воздржана медитација за тагата, борбата за опстанок и човечката солидарност, „Добри луѓе“ зборува за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025, во кој загинаа 63 млади луѓе. Филмот им дава платформа на преживеаните и на тивките херои. Тие не се симболи, туку луѓе – ранливи, но силни, издржливи и длабоко реални.

„Добри луѓе“ користи минимална естетика на воздржан филмски јазик. Овој аскетски филм не интерпретира и не суди, туку слуша.

– Мојата прва мисла беше за жртвите, преживеаните и за хероите, за тоа како никој од нас не може целосно да ја почувствува големината на оваа болка. Сакав да ги слушнеме најзасегнатите, да им дадам глас на добрите луѓе. Почнавме да ги снимаме уште веднаш, само еден месец по трагедијата. Тоа беше најмалку што можевме да понудиме како знак на огромна почит и солидарност. Овој филм е нивни. Ние бевме таму само за да дадеме поддршка, за да ги пренесеме нивните зборови, мисли, искуства и емоции. Како филмаџии, ние сме школувани да работиме со материјалот, да го водиме, да го вајаме, но јас решив дека нашата работа во овој филм ќе биде да се повлечеме во втор план. Дискретно ја обликувавме приказната за таа трагична ноќ, без какви било излишни синеастички интервенции. Оваа спартанска, минималистичка техника е нешто што го доближува гледачот до доживеаното искуство. Овој филм е како книга: зборовите се многу важни. Една од пораките е да бидеме подобри едни кон други, да го препознаеме доброто во луѓето со кои живееме. Му должиме голема благодарност и на „Сапорт Кочани“, кое ѝ помага на заедницата и многу ни помогна во реализацијата на овој филм – вели Манчевски.

Затоа што овој филм ја почитува вистината на преживеаното искуство и изговорениот збор во неговата најсирова форма. Централното место му припаѓа на сведоштвото – на личното доверување, на непосредното присуство, кое не може да биде заменето или реконструирано.

„Добри луѓе“ е интимно и суштинско продолжение на авторскиот интерес на Манчевски за односот меѓу личната трагедија и колективната меморија. Тука тој се одлучува за радикално минималистичка форма.

Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, автор на музиката Игор Василев-Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани. Филмот е реализиран со приватни средства на Милчо Манчевски, преку „Банана филм“, без да се бара учество на Агенцијата за филм, а во соработка и со поддршка на „Сапорт Кочани“. Дистрибутерите, продуцентите и режисерот се откажаа од добивката и целиот приход е наменет за жртвите во Кочани.

Светската премиера ќе се одржи на Сараевскиот филм фестивал, најзначајниот фестивал во Југоисточна Европа, кој секоја година привлекува повеќе од 100.000 посетители. Минатата година, Сараевскиот фестивал од Американската академија за филмски уметности и науки го доби статусот „квалификациски филмски фестивал за ‘Оскар’“. Тоа значи дека добитникот на наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар долгометражен документарен филм автоматски се квалификува за влез во трката за номинација за наградата „Оскар“. Дел од фестивалот се и регионалниот копродукциски пазар Сине линк, програмите „Талентс Сарајево“ и „Документари раф кат бутик“.

ИЗДВОЕНИ