
Папата Лав XIV денес повторно ја осуди смртната казна, наведувајќи дека таа ја нарушува светоста на човечкиот живот и им ја одзема на луѓето можноста за искупување. Неговата порака доаѓа само неколку дена откако Пентагон објави план за пренос во живо на погубувањето на осуден убиец.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет завчера изјави дека американската војска планира пренос во живо на погубувањето со стрелачки вод на Нидал Хасан, поранешен воен психијатар кој уби 14 лица во воената база Форт Худ во 2009 година. Доколку планот се реализира, тоа ќе биде прв таков пренос на погубување во историјата на САД.
„Општото добро може да се заштити, а барањата на правдата да се исполнат, без прибегнување кон смртна казна“, рече Папата – првиот Американец на чело на Католичката црква – во објава на социјалните мрежи. Тој не го спомена директно планот на Пентагон.
„Смртната казна е неприфатлива бидејќи претставува напад врз неповредливоста и достоинството на личноста“, додаде папата во пораката објавена по повод Светскиот ден против смртната казна.
Хасан треба да стане првото лице по 1945 година погубено од американската војска со стрелачки вод. Планот на Хегсет за пренос на настанот во живо наиде на критики од американските законодавци – вклучително и од некои од сопартијците на Трамп од Републиканската партија – како и од верски лидери и меѓународни набљудувачи.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сè уште нема одлучено дали ќе дозволи пренос во живо на погубувањето.
Потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој е католик, изрази сомнеж дека Пентагон навистина ќе го пренесува во живо погубувањето, закажано за 3 декември. Тој додаде дека нема да го гледа преносот, доколку е донесена таква одлука, пренесе „Хина“.











