Македонија и Бугарија се доближуваат до реализација на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во регионот. По потпишувањето на меѓудржавниот договор, од Софија повторно пристигнуваат пораки за подготвеност за изградба на прекуграничниот тунел. Во меѓувреме Македонија ги гради делниците од пругата кон Бугарија
По долг период на неизвесност околу реализацијата на железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека е надминат проблемот што го оптоваруваше проектот на Коридорот 8 и дека од Софија пристигнуваат позитивни сигнали во однос на изградбата на прекуграничниот тунел. Според него, за застојот станувало збор за технички, а не за политички проблем и оти двете страни покажуваат подготвеност за продолжување на активностите.
– Проблемот со Бугарија во однос на пругата е решен. Тоа беше чисто технички проблем. Добиваме позитивни сигнали за тунелот и штом колегите од Бугарија се подготвени, ќе работиме и на граничниот тунел – рече Николоски.
Изјавата доаѓа по повеќемесечни дебати меѓу Скопје и Софија околу динамиката на изградбата на железничката врска како дел од Коридорот 8. Во изминатиот период бугарските власти и медиуми во неколку наврати нагласуваа дека Бугарија останува посветена на проектот и дека железничкото поврзување меѓу двете држави претставува стратешки приоритет. Бугарското Министерство за транспорт годинава соопшти дека на бугарска територија остануваат за изградба само неколку километри пруга до границата, додека прекуграничниот тунел се смета за клучната инфраструктурна алка за конечно поврзување на железничките мрежи на двете земји.
Во бугарските медиуми тунелот често се опишува како „последната алка која недостасува“ на Коридорот 8, кој треба да обезбеди модерна железничка комуникација меѓу Скопје и Софија и да придонесе за подобро транспортно поврзување на Балканот. Истовремено, дел од анализите во Бугарија изразуваа загриженост поради бавната реализација на проектот и честите одложувања што со децении го следат железничкото поврзување меѓу двете соседни држави.
Значаен чекор беше направен во ноември минатата година кога Македонија и Бугарија потпишаа меѓудржавен договор за изградба на прекуграничниот тунел. Со договорот беа утврдени рамките за заедничка реализација на проектот, а по формирањето на новата бугарска влада од Софија повторно почнаа да пристигнуваат пораки за подготвеност за продолжување на соработката.
Проектот предвидува тунел со должина од околу 2,4 километри, кој треба да ја поврзе железничката инфраструктура на двете земји. Николоски очекува целокупниот проект да биде завршен до 2031 или 2032 година. Тој нагласи дека реализацијата се одвива во соработка со Европската инвестициска банка и согласно европските процедури.
Во меѓувреме, градежните активности на македонска територија продолжуваат. Делницата Скопје – Куманово е веќе во функција, а од почетокот на годинава во употреба е пуштена и железничката линија Куманово – Белјаковце. Паралелно се работи на изградбата на делницата Белјаковце – Крива Паланка, додека за третата и најсложена делница од Крива Паланка до границата со Бугарија е распишан тендер за надзор, а следните недели се очекува да биде објавен и тендерот за избор на изведувач.
Автопатот Требениште – Ќафасан ќе се гради, дилемата е само околу трасата
Изградбата на автопатот Требениште – Ќафасан не е доведена во прашање, а во тек се разговори со УНЕСКО за утврдување на конечната траса по која ќе се реализира проектот, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека постојната предложена траса е оспорена од УНЕСКО поради нејзината близина до заштитеното подрачје на Охридскиот Регион, но нагласи дека македонските институции ги бранат своите аргументи во преговорите што се во тек.
Според него, конечната одлука треба да биде донесена до крајот на јуни или на почетокот на јули, кога ќе биде познато дали ќе се прифати првичната траса или алтернативното решение што е понудено како втора опција.
– Ние ќе се бориме да ја одбраниме трасата и велиме дека е добра. И на крај ќе пресечеме крај на јуни, почеток на јули. Ако нашите аргументи победат, ќе градиме по таа траса. Ако нашите аргументи не победат, ќе градиме по траса која што е малку подолу. Но, повторувам, не е прашањето дали, прашањето е по која траса ќе го градиме автопатот Требениште – Ќафасан – изјави Николоски.
Во изминатиот период УНЕСКО изрази загриженост дека дел од планираната траса би можела да има влијание врз природните и културните вредности на Охридскиот Регион, кој се наоѓа на Листата на светско наследство. Поради тоа беа разгледувани повеќе можни решенија за усогласување на инфраструктурниот развој со препораките за заштита на светското наследство.
Проектот има стратешко значење за развојот на регионот, особено за побрз транспорт на патници и стоки кон албанските пристаништа на Јадранското Море.
Наскоро почнува изградбата на автопатот Скопје–Блаце
Вицепремиерот Александар Николоски најавува интензивирање на инфраструктурната офанзива на западното крило од Коридорот 8 каде, во наредниот период, се очекува да стартува реализацијата на неколку крупни автопатски проекти, меѓу кои и долгонајавуваниот автопат Скопје–Блаце.
– Речиси го завршивме источното крило на Коридор 8, сега интензивно работиме и на изградба на нови автопати на западното крило на Коридор 8 – изјави Николоски.
Според него, проектот за автопатот Скопје–Блаце влегува во завршна фаза пред почетокот на градежните работи. Финансирањето е обезбедено преку комбинација на кредитни средства и грант од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а изборот на изведувач се спроведува согласно процедурите на банката.
– Имајќи предвид дека ги обезбедуваме средствата од таму, ги следиме нивните правила. Во финална фаза сме на избор на изведувач и очекувам за максимум недели, а не месеци, Европската банка за обнова и развој да го избере изведувачот, по што ќе започнат градежните активности – рече Николоски и посочи дека рокот за реализација на автопатската делница е 3,5 години, согласно условите и динамиката предвидени во договорот со ЕБОР.
Покрај Скопје–Блаце, во владините планови е и изградбата на делницата Букојчани–Кичево, која ќе претставува значајно продолжување на автопатската мрежа во западниот дел од државата и дополнително ќе ја подобри поврзаноста меѓу регионите.
(С.Бл.)












