четврток, септември 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СОЈУЗ НА БОРЦИ: Предлогот Фаик Мустафа да добие име на улица во...

СОЈУЗ НА БОРЦИ: Предлогот Фаик Мустафа да добие име на улица во Тетово е неприфатлив!  

1

Тетовската организација на Сојузот на борците повторно реагира за нелегитимно менување на улиците во Тетово. Откако алармираа за невистинитата биографија на Јусуф Реџепи, тие реагираат и за предлогот име на улица да добие и Фаик Мустафа. Оттаму тврдат дека, како што ја нарекуваат, „нелегитимната“ работна група за именување и преименување улици во Тетово, формирана од Советот на Општина Тетово, досега усвоила 219 предлог-имиња за улиците.

– Со цел незабележано за општата јавност истите да ги усвои, а со тоа да рехабилитира низа фашисти, балисти и разни злосторници, ова општинско тело во јавноста, како што веќе објавивме преку повеќе примери, пласира неточни или непотполни биографии на личностите чии имиња ги предлага. Така, во општинското соопштение пишува: „Се предлага именување на улица по Фаик Мустафа – учител во повеќе села во РСМ од Тетово“. Иако секој нормален ќе се праша со што заслужил учител во неколку села име на улица во Тетово, сепак, овој предлог е многу попроблематичен поради тоа што се прикрива вистинската биографија на правосилно осуден сепаратист – велат од Сојузот, од каде што тврдат дека Фаик Мустафа бил организатор на демонстрациите во Тетово, во декември 1968 година и бил правосилно осуден на пет години ефективна затворска казна за своите дела против државата.

– Недозволиво е предлагање на именување улица со име на осуден сепаратист, организатор на насилни демонстрации против државата и државните симболи. Каква е оправданоста за тоа? Каква порака би испратиле до граѓаните и до светот? – прашуваат од Сојузот на борците.

 

ИЗДВОЕНИ