Европскиот, а особено германскиот транспортен и логистички сектор, се соочува со предизвици. Во обид да се справи со хроничниот недостиг на камионски возачи, германската влада усвои пакет мерки со кои значително се олеснува пристапот до професијата за странски работници. Квалификациските испити ќе можат да се полагаат на повеќе јазици, меѓу кои англиски, полски, романски, турски, арапски и украински, а се предвидува и побрзо признавање на возачки дозволи од одредени земји надвор од Европската унија.

Дополнително, се планира скратување на практичниот дел од испитите со цел забрзување на административните процедури и олеснување на интеграцијата на странските возачи на германскиот пазар на труд. Според податоците на германските транспортни здруженија, секоја година од професијата заминуваат меѓу 30 до 35 илјади возачи, додека само 15 до 20 илјади нови кадри влегуваат во системот, што создава структурен дефицит во секторот.

И во Велика Британија недостигот на возачи останува клучен проблем, при што околу 26% од транспортните компании во Обединетото кралство пријавуваат слободни работни позиции. Како главни причини се наведуваат заминување од професијата, пензионирање и подобри услови кај конкуренцијата. Дополнителен предизвик претставува и фактот што платите на професионалните возачи на тешки товарни камиони, сè уште се под националниот просек.

Либерализацијата на германскиот пазар може да го зголеми одливот на возачи од Македонија кој се случува наназад со години поради заминување во пензија на голем број возачи, како и поради одење на помладите да работат во побогатите држави или онаму каде се подобро платени и има подобри услови за вршење на дејноста.

– Недостатокот на професионални возачи во Европа е присутен во континуитет од 2015 година па сè до денес, поради одење во пензија на голем број возачи, што придонесе за кумулативни движења на возачите од посиромашните и понеразвиените држави во поразвиените држави кои водеа соодветна политика за привлекување на возачи од цела Европа, а особено од балканските држави во кои спаѓа и нашата држава. Во нашата држава фалат приближно 30% од потребниот број возачи согласно со капацитетот на возниот парк за комерцијални цели, што значи дека имаме нефункционални возила кои и кога стојат создаваат трошоци кои го оптоваруваат работењето на превозниците – велат од „Макам-транс“.

Најчесто во странство заминуваат возачи во средни години, но и млади кои својот напредок го гледаат во држави каде не постојат бариери за нормално вршење на превозот на стока и патници.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ