Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со претставниците на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Бредли Гарднер, шеф на Политичко-економскиот сектор, Барнабас Биркеланд, економски аташе, и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата на САД во земјава. На средбата присуствуваше и вицегувернерката Ана Митреска.

На средбата беа разменети мислења за актуелните економски состојби и очекувањата за македонската економија, како и за тековните светски и регионални економски движења и нивното влијание врз домашната економија.

Гувернерот Славески ги претстави тековните активности и приоритети на Народната банка, со посебен осврт на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, стабилноста на девизниот курс и натамошното унапредување и модернизирање на финансискиот систем. Во тој контекст, беше истакнато дека Народната банка и натаму спроведува соодветна макроекономска политика, насочена кон одржување на стабилноста на цените и девизниот курс, како основа за стабилно и предвидливо економско окружување.

На средбата беше посочено дека финансискиот систем и натаму е отпорен и може да се справи со потенцијалните ризици и предизвици од домашното и меѓународното окружување. Притоа, Народната банка продолжува со следењето на ризиците и со преземањето соодветни мерки за одржување на стабилноста и довербата во банкарскиот и финансискиот систем.

Во разговорот беше нагласена важноста на продолжувањето на редовниот дијалог и размената на мислења за актуелните економски прашања, имајќи ги предвид неизвесностите во светското економско окружување и потребата од навремени и соодветни политики за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

ИЗДВОЕНИ