Фотоволтаични електрани во Македонија се граделе во период кога државата немала целосно среден систем за нивно планирање, одобрување и контрола. Се издавале дозволи и се граделе електрани, но институциите не биле доволно усогласени, немало навремено планирање, а контролата на терен била слаба или воопшто ја немало.
Ова го утврди Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за ефикасноста на институциите при издавањето дозволи за обновливи извори на енергија. Ревизијата го опфатила периодот од 2022 до мај 2025 година и покажала слабости во планирањето, координацијата меѓу институциите, издавањето одобренија, но и во надзорот и мониторингот.
До мај 2025 година, нови фотоволтаици се граделе без донесен Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори. А токму тој план требало да покаже каде и колку нови електрани може да се градат и дали електроенергетската мрежа може да ги прими. Бидејќи планот го немало, надлежните министерства не можеле да ги спроведуваат предвидените постапки за согласност за изградба на фотоволтаици, ниту да предложат до Владата согласност за електрани над 10 мегавати. Така, одобренијата се издавале врз основа на Законот за градење, без согласноста предвидена со Законот за енергетика.
Проблем била и слабата поврзаност на институциите. Документите што требало да се обезбедуваат по службена должност не се разменувале доволно ефикасно, што ја забавувало постапката, особено кај електраните над 10 мегавати.
Ревизорот открил и случаи што сериозно го отвораат прашањето кој и како ги издавал дозволите. За три фотоволтаични електрани со моќност од 337, 19 и 174 мегавати биле издадени одобренија во декември 2023 и јануари 2024 година. Станувало збор за објекти од државно значење, но дозволите ги издале општините наместо надлежното министерство. Според ревизијата, тоа било спротивно на законските прописи. За ваквите објекти требало да постапува Министерството, а Владата да донесе одлука за овластување за изградба.
До ноември 2024 година, пак, не било јасно дефинирано кој е надлежен за одредени одобренија. Во Законот за градење, фотоволтаичните панели на земјиште биле ставени во втора категорија, но не била утврдена моќноста како критериум за да се знае дали објектот е од прва или втора категорија.
Имало и неусогласени податоци во документите на различни институции за моќноста на електраните. Во еден случај биле издадени и две одобренија за градење на фотоволтаици врз основа на еден извод од урбанистички план или проект за една градежна парцела.
Сите инвеститори не биле третирани исто. Ревизорот утврдил разлики во плаќањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште, но и во роковите за дополнување на документацијата. Проблем имало и со мислењата за приклучување. Дел од институциите надлежни за електроенергетската, водоводната и канализационата инфраструктура давале мислења само формално, без суштински да се провери можноста за приклучување. Во исто време, институциите не биле доволно ефикасни во следењето дали инвеститорите ги исполнуваат обврските од издадените градежни дозволи.
Интересот за фотоволтаици особено пораснал по енергетската криза во 2021 и 2022 година, но институциите се соочиле со недостиг од обучен кадар. Немало доволно луѓе кои добро ја познаваат регулативата, постапките за издавање дозволи и надзорот. Контролата била особено слаба. Целосно отсуствувал надзорот над спроведувањето на Законот за енергетика од страна на општините, а бројот на инспекциските надзори над техничката опрема во фотоволтаиците бил незначителен.
Кај општините опфатени со ревизијата имало делумен или целосен недостиг од контрола дали инвеститорите ги исполнуваат обврските од градежните дозволи. Односно, дозвола се издавала, но потоа често немало кој да провери што навистина е направено на терен. Проблем имало и со Регистарот на електроцентрали, кој бил нецелосен и неусогласен. Поради тоа немало услови за ефикасен мониторинг и точна слика за бројот, местото, моќноста и статусот на електраните.
Ревизорот предупредува и на отпадот од опремата на фотоволтаиците и складиштата за енергија. Неговата категоризација не била уредена, иако тоа е важно за правилно селектирање и заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
По новиот Закон за енергетика од мај 2025 година има подобрување во планирањето. За 2026 година навреме бил донесен Годишниот план за изградба на енергетски објекти. Но и тука имало проблеми: во подготовката не учествувале сите институции, меѓу нив и 74 општини кои требало да донесат свои енергетски планови.
Причината повторно било доцнењето со подзаконските акти. Не биле навреме пропишани формата, содржината и методологијата за општинските планови, а не бил донесен ниту актот за критериумите за добивање овластување за изградба на електроенергетски објекти. Не била формирана ниту Комисијата за доделување овластувања, поради што се создал застој во издавањето овластувања за изградба на електроенергетски објекти со моќност од еден мегават и повеќе.
За сите овие слабости, Државниот завод за ревизија дал препораки за подобрување на системот, поголема координација меѓу институциите, еднаков третман на инвеститорите и посериозна контрола врз тоа што се гради и како се почитуваат законските обврски.
(С. Бл.)












