НКако што посочуваат од Заводот и Музеј Прилеп, по два неуспешни, третиот тендер заврши со избор на фирма која ќе го реализира проектот за заштита на „Македониумот“ од влага. Од Министерството за култура и туризам, пак, се одвоени 5,5 милиони денари за овој капитален проект, а за основен проект за целата реконструкција и заштита на Македониумот уште 4,5 милиони денари.

Инаку, на објектот се видливи траги од оштетувања направени од влага, а при секој дожд, во внатрешноста на „Македониумот“ буквално се прават езерца

 

 

Долгогодишиот проблем со прокиснување во „Македониумот“ во Крушево – објект кој е културно наследство во опасност, ова лето треба да биде решен. Како што посочуваат од Заводот и Музеј Прилеп, по два неуспешни, третиот тендер заврши со избор на фирма која ќе го реализира проектот за негова заштита. Од Министерството за култура и туризам, пак, се одвоени 5,5 милиони денари за овој капитален проект, а за основен проект за целата реконструкција и заштита на Македониумот уште 4,5 милиони денари.

Инаку, на објектот се видливи траги од оштетувања направени од влага, а при секој дожд, во внатрешноста на „Македониумот“ буквално се прават езерца, така што активностите кои се најавуваат се повеќе од потребни.

– Се надевам дека во текот на летниот период ќе биде завршено комплетно затворање на сите отвори во стаклата и витражите на Македониумот. Се изработува надворешна конструкција со која ќе бидат заштитени и ќе нема внатрешно навлегување. А, веќе почнавме и со изготвување на основниот проект за комплетна конзервација и реставрација на самиот Македониум, вели Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј – Прилеп.

За потсетување, реконструкцијата на овој споменик на културата започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности, меѓу кои: санација на потпорните ѕидови, обнова на фасадите, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонските елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања.

Сепак, во 2017 година, активностите за реализација на проектот биле прекинати, па наместо завршување на проектот, објектот беше оставен незаштитен и на забот на времето.

„Македониумот“ во септември лани го посети и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и музеј – Прилеп.

– Последиците од таа негрижа се очигледни и денес. Нашата цел е да го заштитиме „Македониумот“. Тој не е само објект од културно значење туку е и симбол на македонските идентитет, историја и борба, посочи тогаш Љутков.

Инаку, поради архитектонската и уметничка уникатност, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност, беше најавено дека дел од експертизата ќе биде од странство, за да се гарантира трајна заштита на ова културно наследство.

„Македониумот“ во Крушево бил откриен на 2 август 1974 година, на денот на триесетгодишнината на заседанието на АСНОМ и на 71-годишнината од Илинденското востание. Споменикот се протега на 12 хектари и на 1.320 метри надморска височина. Формата на комплексот започнува со раскинати пранги, продолжува преку криптата со врежани имиња и настани поврзани со илинденската епопеја, колоритно-мозаичната керамопластична сцена, па завршува со купола чија внатрешност импресионира со своите релјефи и витражи на осум големи овални прозорци.

Ова архитектонско-уметничко ремек-дело е создадено од Јордан Грабулоски и Искра Грабул и ги означува непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и за самостојна држава. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ