Контролата што ја направил Фондот за здравствено осигурување на боледувањата на осигурениците во Министерството за внатрешни работи покажала злоупотреба на системот. Во втората половина на 2025 година, 80 вработени во полицијата искористиле 514 боледувања, од кои повеќето траеле до седум дена, 171 до 15 дена, а 83 траеле и повеќе од 30 дена. Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, вели дека најголеми злоупотреби има со кратките боледувања бидејќи тие одат преку системот „Мој термин“, а оние над две недели мора преку комисија. Па така контролата открила дека за година и пол, полицаец дури четири пати го сменил матичниот лекар.
– Утврдени се неправилности кај 29 од контролираните 80 лица или околу 37 отсто. Овие 29 лица користеле 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како неуредно издадени, додека 136 биле уредни, односно утврдени неправилности се 100 од вкупно 514 боледувања или околу 19,5 отсто – рече директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Десет од тие 29 осигуреници го менувале матичниот лекар во текот на боледувањето. Шемата со боледувањата е седум дена боледување, па доаѓа еден ден на работа, а потоа, со друга дијагноза, отвора ново боледување. Болестите на респираторен систем, мускулите и дигестивните проблеми се најчестите дијагнози со кои се оправдувало боледувањето.
– Тоа се такви дијагнози што тешко се докажуваат. Европските просеци се меѓу 2 и 5 проценти од вкупното работно време во боледување. Ние не знаеме колку се кај нас. Не знаеме затоа што боледувањата до 15 дена се регистрирани само во „Мој термин“ и Фондот нема пристап, а овие над 30 дена ги имаме затоа што ние ги исплаќаме. Најголем дел од злоупотребите се во испрекинати цикцак- боледувања, кои воопшто не стигнуваат до Лекарската комисија: седум дена со една дијагноза, еден ден одите на работа, па по седум дена со друга дијагноза и така натаму – кажа Клековски.
Откриени се неуредни боледувања кај 29 приватно-здравствени установи, од кои 2 се гинеколошки, а тројца биле специјалисти. Кај две од комисиите во два града утврдено е погрешно издавање боледувања. За неправилностите што се детектирани и во приватните и во јавните здравствени установи, изречени се глоби во вкупна висина од 1,2 милиони денари.
– Како може за болест за која е неопходно дијагностицирање со рендген да нема снимка? – вели Клековски и најави систем за следење на боледувањата, бидејќи сега Фондот не може да прави контроли на боледувањата доколку не го побара работодавецот тоа од него, како што го направиле тоа во овој случај од МВР, но и од Царината и од АРМ.
Клековски закажа и средба меѓу претставниците на ФЗОМ, синдикатите и работодавците за надминување на оваа состојба, што претставуваат товар за буџетот, затоа што дел од овие работници имаат право на 80, 90 или 100 отсто исплата на платата, без разлика што се на боледување. Од ФЗО се сомневаат дека вработените што го злоупотребуваат боледувањето го прават тоа за да работат друга работа. Многу боледувања има и во јавните здравствени установи, според сознанијата на директорот Клековски, во две клиники 20 отсто од персоналот е на боледување, но ФЗОМ не може да ги контролира ако нивниот директор не го побара тоа.
– Нема мотивација во јавниот сектор дали сте или не сте на работа, затоа мора да ги промениме правилата за боледување – изјави Клековски на брифинг со новинарите. (П. А.)












