Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, бара итна реакција од Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на долгогодишниот проблем со добитокот што слободно се движи по улиците и навлегува во имотите на граѓаните.
На денешната прес-конференција, Митовски побара да се утврди законски механизам што ќе ѝ овозможи на Општината да ја координира акцијата за отстранување на животните, во соработка со надлежните институции и под ветеринарен надзор.
Тој посочи дека граѓаните предолго трпат материјални штети, иако правосилни и извршни решенија за одземање на животните постојат повеќе од две години, но сè уште не се целосно спроведени.
„Не барам да ги заобиколиме институциите или законите. Напротив, барам институциите да создадат услови во кои ќе можеме да постапуваме заеднички, организирано и законски“, истакна Митовски.
Градоначалникот оцени дека префрлањето на одговорноста меѓу институциите нема да донесе решение и порача дека е неопходно координирано постапување за конечно надминување на проблемот.
Тој ја потврди подготвеноста на Општина Крива Паланка да преземе поголема улога во спроведувањето на акцијата, веднаш штом ќе бидат обезбедени потребните законски услови.
Митовски нагласи дека приоритет е заштитата на граѓаните и нивниот имот, како и конечното решавање на проблемот што со години ги засега жителите на општината.












