Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти-Џеј Шортс е на чекор од нов предизвик во својата кариера. Според информациите што ги пренесуваат израелските медиуми, искусниот плејмејкер е многу блиску до договор со Хапоел Тел Авив.

Иако за неговите услуги интерес покажаа неколку екипи од Евролигата, се чини дека најконкретен бил израелскиот клуб, кој амбициозно го гради составот за претстојната сезона. Според весникот „Израел Хајом“, преговорите меѓу двете страни се во завршна фаза и трансферот би можел наскоро да биде официјализиран.

Хапоел Тел Авив од клупата го предводи трофејниот стратег Димитрис Итудис, кој во Шортс гледа важно засилување за остварување на високите амбиции на клубот на домашната и европската сцена.

Шортс минатото лето пристигна во Панатинаикос по одличните настапи во дресот на Париз, но не успеа целосно да се наметне во составот на грчкиот великан. Во Евролигата бележеше просек од 8,1 поен, 1,3 скока и 2,9 асистенции по натпревар, бројки кои не ги оправдаа очекувањата на клубот.

Иако има важечки договор со Панатинаикос до летото 2027 година, сè погласни се најавите дека двете страни ќе ја прекинат соработката и ќе тргнат по различни патишта.

Во текот на кариерата, Шортс остави силен впечаток во европската кошарка настапувајќи за Вентспилс, Хамбург, Краилсхајм, Телеком Бон и Париз. Токму неговите блескави партии во германското и француското првенство го вивнаа меѓу најценетите организатори на играта во Европа.

Доколку трансферот биде реализиран, Хапоел Тел Авив ќе добие играч со големо искуство и лидерски квалитети, додека Шортс ќе добие нова можност да ја потврди својата класа на највисоко ниво.

 

ИЗДВОЕНИ