вторник, октомври 6, 2026
Дома СКОПСКА Пилот-проект во Волково – мултифункционален, достапен и климатски отпорен парк

Пилот-проект во Волково – мултифункционален, достапен и климатски отпорен парк

79

Општина Ѓорче Петров е домаќин на дводневен партнерски состанок на проектот „Урбан грин лип“, кој се спроведува во рамките на програмата „Интерег еуро-МЕД“.

Проектот ги поврзува општините и стручните организации во заедничка работа на позелени, поотпорни и поквалитетни јавни простори.

Од Општина Ѓорче Петров информираат дека на отворањето на состанокот, градоначалникот Александар Стојкоски ги поздравил партнерите и посочил дека растот на температурите, потребата од повеќе квалитетно зеленило и заштитата на биодиверзитетот бараат практични решенија во кои ќе бидат вклучени граѓаните.

– Нашата цел не е само да создадеме уште еден парк. Во Волково сакаме да создадеме мултифункционален, достапен и климатски отпорен јавен простор, развиен во соработка со експертите, локалните чинители и, пред сè, со граѓаните што ќе го користат – истакна Стојкоски.

Пилот-просторот во Волково е дел од поширокиот пристап на Општината кон планирањето на зелената инфраструктура. Искуството од неговото уредување, учеството на граѓаните и изработката на планот за урбана природа ќе послужат за подобро планирање и управување со зелените површини низ Ѓорче Петров.

Во проектот учествуваат десет партнери. Водечки партнер е Општина Цеље од Словенија, а покрај Општина Ѓорче Петров, партнери се IPoP – Институт за просторни политики од Словенија, Општина Јанина од Грција, „Паркови ДОО“ од Хрватска, конзорциумот „Олтрепо Мантовано“ и „Амбиенте Италија“ од Италија, Општина Будва од Црна Гора, CREAF од Шпанија и Универзитетот во Загреб – Факултет за шумарство и технологија на дрво од Хрватска.

Како асоцирани партнери учествуваат Здружението на урбани општини на Словенија, Општина Сузара, Град Вараждин и покраината Мантува.

ИЗДВОЕНИ