Група вооружени и маскирани разбојници денес зазедоа супермаркет во колумбискиот град Картахена. Според Абелардо де ла Есприела, тие моментално држат 25 заложници, откако претходно ослободиле пет постари жени.
На прес-конференција, тој изјави дека напаѓачите се обиделе да ограбат оклопно возило за транспорт на пари во еден трговски центар, но по пристигнувањето на полицијата, побарале засолниште во супермаркетот.
Медиумите пренесуваат дека напаѓачите бараат два милиона долари, две оклопни возила и безбеден премин до градот Баранкиља, кој се наоѓа на карипскиот брег.
На снимки споделени на социјалните мрежи се гледаат десетици луѓе како бегаат од супермаркет, дел од најголемиот домашен малопродажен ланец во земјата, „Ексито“ (Éxito), во населбата Ла Кастељана во Картахена – една од главните туристички дестинации во Колумбија.
Во медиумските извештаи се прикажани снајперисти распоредени на околните згради, што укажува на полициска интервенција.
Аеродромот во Картахена привремено го прекина работењето за да овозможи пристигнување на воени засилувања, но сообраќајот сега постепено се нормализира, пренесува „Бета“.












