Пензискиот систем повторно ја отвори дебатата за неговата долгорочна одржливост. Додека Фискалниот совет предупредува за зголемен дефицит и предлага реформи за стабилизирање на системот, Владата уверува дека е стабилна состојбата и дека засега нема потреба од зголемување на старосната граница за пензионирање или на придонесите.
Премиерот Христијан Мицкоски смирува дека е стабилен пензискиот систем и дека пензионерите немаат причина за загриженост.
– Во моментот имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи. Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите – изјави Мицкоски.
На прашањето дали размислува Владата за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, тој кратко одговори: „Барем засега не“.
Според анализата на Фискалниот совет, кусокот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2 проценти од БДП. Како можни мерки се предлагаат зголемување на придонесите од 18,8 на 20 проценти, зголемување на старосната граница за една година, подолго доброволно останување во работен однос, повисока минимална пензија и напуштање на ад хок зголемувањата на пензиите.
На ставовите на Владата реагираше и СДСМ. Потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска, обвини дека продолжува да расте дефицитот во ПИОМ и покрај зголемувањето на придонесот.
– Дупката во Пензискиот фонд ја зголемија на историски една милијарда евра, над 14 отсто од целиот државен буџет. Иако од 1 јули придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процентен поен, преку пренасочување на средствата што одеа во Агенцијата за вработување, дефицитот продолжува да расте – изјави Тренчевска.
Според директорот на ПИОМ, Никола Мемов, дефицитот во 2026 година е повисок за 10 милијарди денари во однос на претходната година и достигнал 64 милијарди денари. Тој посочи дека за исплата на пензиите недостигаат околу 500 милиони евра, 220 милиони за здравствено осигурување на пензионерите и над 300 милиони евра за вториот столб.
СДСМ е против можни интервенции во вториот пензиски столб, оценувајќи дека не смеат да се користат средствата на осигурениците за решавање на тековните проблеми на системот.
Дебатата се отвора во услови на стареење на населението и намалување на работоспособните граѓани, што дополнително го зголемува притисокот врз пензискиот систем. Додека Владата уверува дека нема причина за загриженост и дека засега нема да има зголемување на старосната граница, Фискалниот совет предупредува дека зголемениот дефицит бара навремени структурни мерки.












