Италијанската атлетичарка Гаја Сабатини (27) открила дека во неколку наврати била следена од непознати мажи додека тренирала на отворено. Непријатните ситуации ѝ се случиле двапати во Рим и еднаш во Бирмингем, а искуството оставило сериозни последици врз нејзиното чувство на сигурност.
Во интервју за италијанскиот весник „Ил Џорнале“, таа раскажала дека ја следеле мажите со велосипеди, постојано одржувајќи растојание зад неа. Кога застанувала, застанувале и тие, а кога го менувала правецот, го правеле истото. Поради нивното однесување, станало очигледно дека не станува збор за случајна средба.
- За жал, повеќе од еднаш ми се има случено да бидам следена од луѓе на велосипеди. Тоа е искуство што остава трауми – открила италијанската спортистка.
Особено ја шокирал фактот што инцидентите се случувале среде бел ден, дури и во моменти кога околу неа имало многу други луѓе и тркачи.
Сабатини признава дека по овие случувања целосно ги променила навиките. Порано трчала опуштено, слушајќи музика, но сега постојано внимава на околината, ги вади слушалките и ја менува маршрутата доколку забележи дека ја следи некој.
- Порано бев поопуштена. Пуштав музика и трчав без грижа. Сега веднаш чувствувам вознемиреност и станувам многу повнимателна. Постојано сум во состојба на голема подготвеност – вели таа.
Италијанската атлетичарка смета дека решението започнува уште од најрана возраст, преку воспитувањето во семејството и сексуалното и емоционалното образование во училиштата.
Нејзиното сведоштво доаѓа во време кога истражување спроведено во Италија покажало загрижувачки податоци: дури 68 отсто од анкетираните жени што трчаат изјавиле дека доживеале некаква форма на вознемирување во текот на тренингот. Кај девојките на возраст од 18 до 24 години, процентот достигнува дури 86 отсто.
- Никогаш не одам сама по улица, го избегнувам тоа. Јас и сестра ми имаме пристап до локацијата на другата преку телефоните, 24 часа на ден. За жал, никогаш не се знае што може да се случи. Навистина се надевам дека ќе се променат работите – порачала Сабатини.











