– Како фестивал, продолжуваме и понатаму да се развиваме во сегментот во кој сме единствени, не само во Македонија туку можеби и на Балканот, а тоа е нашата работилница во која развиваме, а подоцна и финансираме во целост снимање на дипломски, студентски, краткометражен игран филм. По третпат ја правиме работилницата, а веќе имаме снимено пет краткометражни, дипломски, играни филмови на студенти од македонските факултети. И тие се претставуваат пред светот со наша помош, вели Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“
Петтото издание на Фестивалот на балканскиот и медитеранскиот филм „Преку езерото“ годинава ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија.
Како што истакна на денешната прес-конференција Јани Бојаџи, директор на фестивалот, и со петтото издание, „Преку езерото“ останува доследен на тоа да е фестивал на балканскиот и медитеранскиот филм.
– Основниот концепт и идеја е да не се шириме надвор од тој архипелаг кој не е толку мал и не е толку незначаен во однос на културата и на уметноста. Само може да го земеме предвид фактот дека дел од Медитеранот се и најголемите светски кинематографии како: француската, шпанската, италијанската, а кои се дел од фокусот на нашиот фестивал. За балканската кинематографија и да не зборувам, таа во последните десетина години има исклучителен подем на светско ниво, рече Бојаџи.
Додаде дека фестивалот годинава се поместува за дваесетина дена понапред од неговиот термин на почетокот на август.

– Идејата ни е да им овозможиме на средношколците и на студентите од прва година, кои сè уште не се заминати на августовски одмори, да можат да дојдат во Дојран, Струмица и Гевгелија и да бидат дел од една културна и уметничка манифестација како што е фестивалот „Преку езерото“, посочи тој.
Бојаџи истакна и дека покрај официјалната програма на долгометражни играни филмови кои ќе се прикажуваат во прекрасната атмосфера на амфитеатарот кој гледа точно преку езерото во Дојран, другите програми се краткометражната, студентската програма, а за првпат оваа година се воведува кинематографија во фокус. Станува збор за современа иранска кинематографија, односно фокус на фестивалот се филмови од последните пет години во иранската кинематографија.
На фестивалот, годинава ќе има и светска премиера.
– Се разбира, продолжуваме и понатаму да се развиваме во сегментот во кој сме единствени, не само во Македонија, туку можеби и на Балканот, а тоа е нашата работилница во која развиваме, а подоцна и финансираме во целост снимање на дипломски, студентски, краткометражен игран филм. По третпат ја правиме работилницата, а веќе имаме снимено пет краткометражни, дипломски, играни филмови на студенти од македонските факултети по филм. И тие се претставуваат пред светот со наша помош. Годинава имаме два готови филма од минатогодишната работилница и тие ќе доживеат светска премиера на ова издание во Дојран. Ќе ги видиме авторите, учесниците, актерите… Сакам и да им се заблагодарам на моите колеги, актери, кои беа повикани да играат во филмовите на нашите студенти и тоа го направија про боно. Значи, бесплатно, сите до еден работеа на филмовите на нашите студенти, што ме прави исклучително среќен и, најверојатно, зборува за тоа дека сме зрело општество и дека сме свесни луѓе кои разбираат дека мора на тие што почнуваат да им помогнеме на почетокот, кога им е тешко и кога не можат без нас, истакна Бојаџи.
Додаде дека оваа година фестивалот ќе финансира и еден дебитантски краткометражен игран филм. На некој кој дипломирал пред три, пет или десет години во Македонија, а немал можности да го направи своето филмско деби.
-Ние ќе му помогнеме – во целост ќе го финансираме и ќе го продуцираме снимањето на тој филм во текот на годината после фестивалот, а ќе го покажеме како светска премиера следната година, со што ќе му овозможиме на тој автор да се претстави себеси и своето дело пред светот, почнувајќи од нашиот фестивал, додаде Бојаџи.
Посочи и дека првпат оваа година фестивалот има соработка со Медиа програмата на Креативна Европа (Creative Europe), при што ќе биде организирана работилница на актуелна тема „Вештачката интелигенција и современата кинематографија“.
– Сите сме свесни дека голем дел од кинематографијата ќе биде создавана со алатките на вештачката интелигенција. Јас, како универзитетски професор, го поттикнувам тоа и сметам дека не можеме да пливаме наспроти брановите и мора да се движиме заедно со развојот на технологијата затоа што филмот е применета уметност – не можете да направите филм ако не примените технологија. Таа се развива и сите умни колеги порано или подоцна ќе сфатат дека борбата против технологијата е бесмислена. Таа работилница ќе ја водат два медија деска од соседството – веќе е потврден медија дескот од Бугарија од каде ќе имаме предавач, а во преговори сме и со медија дескот од Србија од каде чекаме потврда за нивниот предавач, информираше Бојаџи.

Селекторот на филмската програма, Златко Гелески, пак, рече дека се посветил на сите лица, односно сите култури и филмови кои ги опфаќа Балканот и Медитеранот.
– Главната селекција ќе брои шест филмови, поголем дел се филмови од Балканот, но за останатите сакав да допрам до најдалечните точки на Медитеранот, за да се понуди диверзитет. Можам со сигурност да потврдам дека ниту еден филм не наликува на било кој од селекцијата. И токму тоа беше убавината на селекцијата. Предвидуваме гости од сите филмови на фестивалот, бидејќи токму гостите се тие што го прават фестивалот, а културната разновидност е токму она што го прави посебен „Преку езерото“, рече Гелески.
Во селекцијата на краткометражни филмови ќе има 15 филмови од кои половина се филмови од странство, а другата половина се македонски краткометражни филмови. Значи од 40, 20 филмови ќе бидат македонски. Од друга страна во студентската програма се поместени 12 филмови од студентите на Универзитетот во Тетово, ЕСРА и ФДУ, а фестивалот и годинава ќе ја има програмата за деца.
Дејан Милошевски, извршен директор на фестивалот информираше за претпрограмата и програмата на фестивалот.
– На 10, 11 и 12 јули ќе се одржи работилницата за развој на сценарија под менторство на Александар Русјаков и секој што сака да биде дел од неа може да аплицира на веб-страницата на фестивалот, рече Милошевски кој истакна дека на фестивалот годинава очекуваат над 100 гости,а подготвени се и капацитетите во Дојран за достоен пречек. (Н. И. Т.)












