ФЗО СО НОВ ПЛАН ПРОТИВ ЗЛОУПОТРЕБИ, НАЈАВЕНИ ИЗМЕНИ НА ПРАВИЛНИКОТ
Фондот за здравствено осигурување најавува заострување на контролите на боледувањата. Матичните лекари во иднина ќе можат да издаваат боледување до пет дена, наместо досегашните седум. Контролите ќе се вршат и по пријава од работодавачите и по случаен избор, а доколку пациентот не биде најден дома, ќе треба да се јави пред лекарска комисија. Од Фондот уверуваат дека целта не е ограничување на правата на осигурениците, туку спречување на злоупотребите. Најавена е и промена со која рецептите од дежурните служби би важеле 24 часа, наместо до полноќ истиот ден
Построги контроли и нови правила за користење на боледувањата, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински. На брифинг со новинарите, Перински рече дека до Управниот одбор ќе биде предложена предлог-измена на Правилникот за боледување, според една од клучните измени е намалување на деновите за боледување што може да ги издаде матичниот лекар – од сегашните седум на пет дена, а контроли ќе се вршат и по пријава од работодавачите и по случаен избор. Директорот на Фондот истакна дека целта на овие имзени не е ограничување на правото на боледување, туку спречување на злоупотреби и обезбедување правичен и одржлив систем.
– Не сакаме да направиме систем кој е построг, туку сакаме да направиме систем што е правичен. Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за дообезбедување дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за оние лица што не се во можност да дојдат со физичко присуство да го обезбедат боледувањето. Во делот на контролата воспоставуваме механизми за заедничка контрола со другите чинители во рамките на системот, како Управата за јавни приходи, како Министерството за внатрешни работи, сè со цел да можеме посоодветно вработените во рамките на секторот контрола да ги извршуваат своите контроли, изјави Перински.
Тој појасни дека доколку контролорот, кој постапува по пријава на работодавачите, но и по случаен избор, не го најде осигуреникот дома, ќе биде оставен документ со кој лицето се упатува да се јави пред лекарска комисија и да даде образложение, а за тоа ќе биде известен и работодавачот.
Директорот на Фондот го посочи примерот со земените боледувања во МВР, за кои рече дека во изминатиот период се утврдени неправилности кај речиси 30 проценти од истражуваниот примерок од овие боледувања, а при крај е и анализата за боледувањата во Министерството за одбрана. Злоупотреби сè почесто се евидентираат и во приватниот сектор, рече Перински.
– Повторно ќе кажам, темата боледување и породилни отсуства секогаш е сензитивна во јавноста и нам идејата не ни е да ги спречиме правата на боледување, туку да спречиме злоупотреба во рамките на искористување на боледувањето поради тоа што Фондот за здравствено осигурување за 2026 година во рамките на својот буџет има предвидено 6 милијарди 454 милиони денари средства, што се наменети за боледувања и породилни отсуства. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот на контрола, рече тој.
Само во текот на минатиот месец, Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари се издвоени за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања.
– За мене и за вработените во Фондот ова не се само ставки во рамките на буџетот, туку обврски што ние како Фонд сме должни да ги испорачаме кон оние што имаат потреба. Но, истовремено мораме да бидеме и одговорни кон системот со кој управуваме. Кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на контролата , рече Перински.
Во однос на биолошки потпомогнатото оплодување, директорот на Фондот истакна дека мерката за овозможување до шест ин витро обиди веќе дава резултати. Од над 1.880 обиди, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид.
– Во моментот анализираме градација на финансискиот пакет што го даваме за еден обид. Медицински тимови работат на утврдување поиндивидуализиран пристап во делот на издавање на ваучерот за биолошки потпомогнато оплодување во делот на првиот, вториот или третиот обид, сè со цел да го зголемиме процентот на можност во првите обиди да имаме позитивен исход од целата процедура. Ова се планови што планираме да ги ефектуираме од 2027 година, но за да бидеме сигурни дека ќе имаме и финансиска конструкција, а секако и медицински да имаме поддршка за ова, сепак ќе ни треба уште некој период да го доработиме, истакна Перински.
Како дополнителна олеснувачка новина за пациентите, Фондот ќе предложи промена на важењето на рецептите издадени од дежурните служби. Наместо досегашното правило рецептот да се реализира истиот ден до полноќ, ќе се бара рокот да се продолжи на 24 часа.
-Пациент кој во 23 часот побарал итна медицинска помош не треба по излегувањето од амбуланта да води трка со часовникот за да го подигне лекот до полноќ. Правилото треба да му служи на пациентот, а не пациентот да се приспособува на правило кое во пракса не функционира, нагласи Перински.
Состанокот на Управниот одбор на Фондот на кој ќе се разгледуваат овие предлог-измени, ќе се одржи следната недела, а откако ќе бидат усвоени измените, треба да се добие согласност од министерството за здравство, по што новите правила ќе стапат на сила. (В.С.Н.)












