Општина Центар изведува градежни активности за поставување нова водоводна и нова фекална мрежа на улиците „Анте Хаџи Митков” и „Кеј 13 Ноември” во Маџир Маало.
Според општинските власти, со овој зафат се прошируваат капацитетите на водоснабдувањето и одведувањето на фекалните води.
– Станува збор за целосно нова инфраструктура, која ќе овозможи поефикасно и постабилно водоснабдување на околу 200 жители на населбата, како и подобро одведување на отпадните води. Вкупната должина на новите цевководи изнесува 127 метри – соопштија од Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, додаде дека се подобрува инфраструктурата во интерес на граѓаните.
– Со овој проект, жителите на Маџир Маало добиваат современо и сигурно водоснабдување и трајно решение за одведување на фекалните води – изјави Герасимовски.












