Дефектот на главната водоводна цевка во Гостивар што се појавил во понеделникот, поради кој била запрена водата, повторно го отвора прашањето за нејзиниот квалитет во период кога Институтот за јавно здравје му препорачува на ЈП „Комуналец“ да обезбеди континуиран проток низ целата мрежа и постојано да го следи нивото на хлор од извориштето до крајните потрошувачи.
„Комуналец“ во понеделникот информираше дека поради неопходна поправка на дефекти на три различни локации на главната цевка, водоснабдувањето ќе биде привремено прекинато од 4:00 часот изутрината до целосно санирање на дефектите.
Токму прекините во водоснабдувањето и повторното воспоставување на протокот се меѓу ризиците на кои посочува ИЈЗ во своите препораки за гостиварскиот водоснабдителен систем. Од Институтот препорачуваат ЈП „Комуналец“ да обезбеди континуитет и доволен капацитет на водоснабдувањето, особено во периодите на зголемена потрошувачка. Според ИЈЗ, треба да се избегнуваат прекини, стагнација и повторно воспоставување проток, бидејќи тие може да создадат дополнителни ризици за нарушување на микробиолошкиот и на физичко-хемискиот квалитет на водата.
Затоа, по најавениот прекин на главната цевка, весникот ВЕЧЕР му испрати прашање на актуелниот в.д., Алмир Даути, што покажале последните мерења, кое е нивото на хлор и дали ќе влијае дефектот на квалитетот на водата, но, до затворањето на бројот, не добивме одговор.
ИЈЗ препорачува систематско и континуирано мерење на резидуалниот хлор на поголем број точки во дистрибутивната мрежа, во различни периоди од денот и при различна потрошувачка на вода. По укинувањето на кризната состојба, Институтот препорачува целната оперативна вредност на слободниот резидуален хлор да биде во ранг од 0,2 до 0,5 милиграми на литар, зависно од условите во системот и важечките прописи. Особено се бара да се направи хидраулична и оперативна анализа на мрежата за да се утврдат причините за варијациите на резидуалниот хлор, меѓу другото, поради задржување на водата, мртви краци, слаба потрошувачка и промени во протокот.
ИЈЗ препорачува и планско миење на мрежата, со посебен фокус на крајните, периферните и на слабопроточните делови, со цел да се намали времето на задржување на водата и да се спречи акумулација на седименти и создавање или одржување биофилм.
Препораките на ИЈЗ се обемни и го опфаќаат практично целиот систем – од извориштето и хлоринаторската станица, преку резервоарите и пумпните станици, до крајните потрошувачи. Меѓу другото, се бара автоматизиран систем за континуирано мерење и следење на параметрите релевантни за дезинфекцијата, водење записи за мерењата и преземените корективни мерки, редовен мониторинг на безбедноста и квалитетот на водата, како и ревидирање на програмата за мониторинг врз основа на процена за ризик.
По повеќенеделната криза со водата во Гостивар, останува отворено прашањето дали може да обезбеди системот стабилно и безбедно водоснабдување и при дефекти и прекини, а не само во услови на нормален проток. (П. А.)












