Пелетите годинава се продаваат по околу 14.500 до 22.000 денари за тон, а вреќа од 15 килограми може да достигне и 330 денари, зависно од квалитетот и местото на продажба. Ако едно домаќинство троши две вреќи дневно по 330 денари, месечниот трошок само за пелети достигнува 19.800 денари. За шестмесечна грејна сезона, таквата потрошувачка би значела над 118.800 денари. Во меѓувреме, зависноста од увоз, недостигот на суровина и регионалните ценовни движења дополнително ја усложнуваат пресметката.

Септември поминува, а старата зимска мака се враќа на дневен ред – како да се загреат домовите, а притоа да не се испразни паричникот. За домаќинствата што се греат на пелети, годинава пресметката повторно не изгледа розово. Цените се разликуваат зависно од квалитетот, производителот, количината и местото на купување, а граѓаните, по искуствата од претходните години со поскапувањата и доцнењето на испораките, сè почесто набавуваат уште пред да залади.
Според достапните пазарни податоци за 2026 година, тон пелети во Македонија ориентативно се движи од околу 14.500 до 22.000 денари. Тоа значи дека вреќа од 15 килограми чини приближно од 218 до 330 денари. Но, на пазарот можеа да се најдат и пониски цени при вон-сезонска продажба или купување поголеми количини, додека купување поединечни вреќи во зима обично е поскапо.
Ако едно домаќинство троши по две вреќи дневно, а една вреќа чини 330 денари, за 30 дена само за пелети би потрошило 19.800 денари. А зимата не трае еден месец. За шестмесечна грејна сезона, при иста потрошувачка и иста цена, математиката би надминала 118.800 денари.
Токму високата цена е причина дел од граѓаните сè почесто да се прашуваат дали пелетите сè уште се исплатлив начин на греење.
– Додека беа со цена од 200 до 240 денари, беа добар начин за греење. Не е дека луѓето одеднаш не сакаат пелети. Напротив – многумина вложиле пари во печки, котли и цел систем за греење. Проблемот е што кога енергенсот ќе поскапи, целата пресметка се менува – коментираат граѓани на социјалните мрежи.
Тие посочуваат дека пелетите со години беа претставувани како почиста алтернатива за греење, особено за домаќинствата што се префрлаа од дрва, јаглен и други цврсти горива.
– Но, високите цени ја менуваат пресметката и затоа сè повеќе домаќинства се одлучуваат за инвертери, кои ги гледаат како поекономична и почиста алтернатива за затоплување на домовите – велат тие.
Дополнителен проблем за македонскиот пазар е зависноста од увоз. Значаен дел од потребите за дрвени пелети се обезбедуваат од соседните земји, додека домашното производство покрива само дел од побарувачката. На македонскиот пазар се присутни пелети од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во земјава има една поголема фабрика за пелети во село Гиновци, општина Ранковце, како и неколку помали локални производители, меѓу кои и производители во Делчево и Кичево. Проблемот е што, како што наведуваат, домашното производство се соочува со ограничувања поради достапноста на суровината (дрвни остатоци и пилевина), а дел се обезбедува и од увоз, вклучително и од Бугарија и други соседни земји.

Тоа го прави македонскиот пазар чувствителен на промените во регионот – од ограничувања на извозот и недостиг на суровина, до повисоки транспортни трошоци поради лудувањето на цените на горивата. Токму поради ваквата регионална слика, внимание привлече одлуката на Владата на Црна Гора. Во оваа земја од минатата недела е донесена одлука за ограничување на малопродажните цени на пелетите од прва и втора класа. Според мерката, пелетите од класата А1 ќе можат да се продаваат за најмногу 270 евра за тон, додека максималната цена за А2 е утврдена на 250 евра за тон. Во цените е вклучен ДДВ. Мерката треба да се применува до 30 јуни 2027 година.
Од црногорската Влада образложија дека целта е граѓаните да имаат постабилно и поповолно снабдување пред зимската сезона, но истовремено да се води сметка и за домашните производители. Уште во јули, црногорското Министерство за земјоделство предупредуваше на проблеми поврзани со високите цени и недостигот на суровина за производство на пелети.
Во соседна Србија, пак, почетокот на грејната сезона го следат високи цени. Според последните достапни податоци, тон пелети се продава по цени од околу 38.000 до 47.000 динари (тоа е приближно 325 до 400 евра за тон), зависно од производителот, квалитетот и местото на продажба. Во Белград и Нови Сад, во дел од продажните места, цените се движат околу 42.000 до 44.000 динари, а на некои места достигнуваат и повисоки нивоа. Во Ниш и Крагуевац може да се најдат пониски цени, но и таму пелетите остануваат значаен трошок за домаќинствата. Пред десетина дена беше објавена и информација дека во едно стовариште во Белград тон пелети се продавал за 46.600 динари (околу 400 евра).
(С.Бл.)












