четврток, август 6, 2026
Дома СВЕТ Пеколна жега во Италија: Асфалтот се топи на речиси 75 степени!

Пеколна жега во Италија: Асфалтот се топи на речиси 75 степени!

0

Италија продолжува да биде погодена од четвртиот топлотен бран од почетокот на годината, а Министерството за здравство на земјата за денеска издаде црвена тревога за сите 27 градови што ги следи системот за следење на екстремната топлина.

Црвената тревога означува највисоко ниво на предупредување и имплицира временски услови што можат сериозно да го загрозат здравјето на целото население, а не само на најчувствителните групи како што се постарите лица, малите деца и хронично болните лица, објави „Раи њуз“.

Од вчера 25 градови се под црвен аларм, додека Месина и Реџо Калабрија се во портокалово предупредување.

Според студијата на организацијата „Легамбиенте“, температурите на асфалтот во Италија достигнуваат просечно 52 степени Целзиусови, додека максималната измерена температура била 62,7 степени. На гумените површини, температурите се уште повисоки – просечно 66 степени, а во Торино се регистрирани дури 75,6 степени Целзиусови.

Метеоролозите очекуваат мало и привремено заладување од петок, особено на северот од земјата и во централните делови на јадранскиот брег, каде што дневните температури би требало да паднат под 35 степени.

Во поголемиот дел од централна и јужна Италија, максималните температури сепак ќе бидат помеѓу 36 и 37 степени, додека се очекува понатамошен пад кон средината на август, но во најжешките региони тие сепак ќе останат многу високи. Италијанските медиуми објавуваат дека во последните денови се регистрирани најмалку три смртни случаи кои се поврзани со топлотниот бран, вклучувајќи градежен работник во близина на Бреша, обезбедувач во Болоња и 20-годишна жена која се разболела додека работела на нивите. Сушата дополнително ја влошува ситуацијата.

Повеќе од 100 општини во Пиемонт и Ломбардија се соочуваат со недостиг на вода за пиење, при што цистерните снабдуваат залихи, а некои градови воведуваат ограничувања на водата. Земјоделците предупредуваат дека земјоделските култури, особено оризот во долината По, се изложени на сериозен ризик поради недостатокот на врнежи од дожд.

Високите температури и сушата го зголемија ризикот од шумски пожари, а голем дел од Емилија-Ромања е под портокалова тревога. Метеоролозите предупредуваат дека температурите повторно ќе достигнат 40 степени Целзиусови во некои делови од земјата во наредните денови, со мали шанси за врнежи.

ИЗДВОЕНИ