четврток, август 6, 2026
Дома СВЕТ Меѓу мигрантите кои влегле во Сеута имало и џихадисти: Некои се уште...

Меѓу мигрантите кои влегле во Сеута имало и џихадисти: Некои се уште се на шпанска територија

1
EPA/JALAL MORCHIDI

Неколку лица кои претходно биле протерани од Шпанија поради сомневање дека се поврзани со џихадистички активности, наводно биле меѓу десетиците илјади мигранти кои минатата недела преминале од Мароко во шпанската енклава Сеута во Северна Африка, објави шпанскиот портал Еспањол.

Според тој медиум, припадници на специјализираните антитерористички единици на шпанското МВР откриле дека меѓу мигрантите кои влегле во Сеута за време на масовниот граничен премин имало и лица кои претходно биле предмет на истраги за џихадистички злосторства во Шпанија.

Инспекторите веруваат дека тие би можеле да бидат меѓу околу 5.000 луѓе кои сè уште не се вратени во Мароко. Овие наоди се добиени преку анализа на снимките од безбедносните камери, а случајот го истражуваат агенти на Генералниот информативен комесаријат на Националната полиција (ГИГ) и Информативниот штаб на Цивилната гарда (ЏИГЦ).

Истрагата се уште е во тек, а властите не ја исклучуваат можноста бројот на лица кои се идентификувани како поврзани со џихадистички мрежи да биде поголем.

Експертите за антитероризам од Националната полиција и Цивилната гарда сметаат дека посебно внимание во овој регион треба да се насочи кон спротивставување на терористичките закани, но и на подобрување на системот за контрола на миграцијата.

Сепак, шпанското МВР официјално не ги потврди наводите за џихадисти меѓу мигрантите кои пристигнале во Сеута. Како што пренесува Јуронујз, министерството оценило дека масовната миграција од Мароко минатата недела не претставувала закана за јавната безбедност во Шпанија.

– Во ниту еден момент не ги потврдивме тие извештаи – изјави портпаролот на МВР.

Тој посочи дека безбедносните служби континуирано го следат и сузбиваат џихадистичкиот тероризам на територијата на целата земја.

– Шпанските безбедносни сили вршат континуирана работа за следење и борба против џихадистичкиот тероризам низ целата земја, не само во Сеута – рече портпаролот, без да коментира дали медиумските извештаи се вистинити или лажни.

Министерството објави и дека во текот на 2026 година шпанските безбедносни служби извршиле 43 акции поврзани со борбата против џихадистичкиот тероризам, што резултирало со апсење на 82 лица осомничени за злосторства во таа област.

ИЗДВОЕНИ