Поранешната втора тенисерка во светот, Паула Бадоса, минува низ најтешкиот период во својата кариера и живот. Шпанската тенисерка, која до неодамна беше меѓу фаворитите за Грен слем титули, денес се наоѓа надвор од Топ 100 на ВТА листата.

Во емотивно интервју за подкастот „Ел Камино Де Марио“, Бадоса отворено зборуваше за психолошките проблеми со кои се соочува. Таа призна дека страда од несоница, анксиозност и напади на паника.

Поради сериозната ментална и физичка исцрпеност, донела одлука да го откаже настапот на Ролан Гарос.

  • Ја изгубив целата самодоверба. Телото не ми помага и ништо не функционира, изјави Бадоса.

Според неа, иако тренира повеќе од кога било, резултатите не доаѓаат. Лошата серија започнала по Австралија Опен, а кулминирала на турнирот во Мадрид. Таму, како што признава, доживеала целосен психолошки пад.

  • Спијам само два или три часа навечер. До утро веќе не знам што да правам со себе, откри шпанската тенисерка.

Таа додаде дека често излегува сама да шета во раните утрински часови, бидејќи не може да најде мир.

  • Целосно сум исцрпена и во моментов не гледам излез, призна Бадоса.

Нејзината исповед ги загрижи фановите ширум светот, кои со месеци забележуваат дека не е во препознатлива форма. Но, проблемите не застануваат само на тенисот.

Бадоса откри дека има нарушени односи и со дел од семејството и блиските пријатели. Причината е нејзината фудбалска „предавничка“ одлука.

Иако цел живот навивала за Барселона, во 2022 година драстично го сменила ставот. По легендарниот пресврт на Реал Мадрид против Манчестер Сити во Лигата на шампионите, таа станала фан на „кралевите“.

  • Тоа враќање на Мадрид толку ме воодушеви што решив да станам нивен навивач, рече Бадоса.

Сепак, таа промена не била добро прифатена во нејзината околина.

  • Моето семејство и пријателите буквално сакаат да ме убијат поради тоа, изјави низ горчлива насмевка.

Тенисерката моментално се обидува да пронајде психолошка стабилност и повторно да ја врати љубовта кон спортот. Фановите се надеваат дека ова ќе биде само тежок период, а не крај на кариерата на една од најталентираните тенисерки на денешницата.

ИЗДВОЕНИ