петок, јуни 19, 2026
Дома КУЛТУРА „Кармина Бурана“ ќе се исполни во Градскиот парк под отворено небо; Македонската,...

„Кармина Бурана“ ќе се исполни во Градскиот парк под отворено небо; Македонската, Софиската и Солунската филхармонија заедно во Скопје

108

Под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје, на 20 јуни, со почеток во 21 часот, ќе се случи концерт на Македонската филхармонија, која заедно со Софиската и Солунската, ќе ја изведат величествената музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. На сцената пред публиката ќе настапат преку 200 музичари од Македонската, Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, како и хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент ќе биде маестро Најден Тодоров од Бугарија, иницијатор на овој проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, а утревечер и пред македонската публиката во Скопје. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.

За директорот на Македонската филхармонија Мустафа Имери, претставува големо задоволство што по изведбата во Софија и Солун, „Кармина Бурана“ ќе одекне и во Градскиот парк пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи значајната соработка меѓу трите балкански оркестри која ја нагласува моќта на музиката и културата и обединува.

Според министерот за култура, Зоран Љутков, културата има најголема смисла кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.

– Во време кога светот се соочува со многубројни предизвици и поделби, културата останува еден од најсилните простори за дијалог, соработка и зближување на народите. Настанот повторно ќе ги обедини Скопје, Софија и Солун во едно големо музичко доживување. Овој концерт е подарок за граѓаните, бидејќи е отворен, бесплатен и тоа е традиционален настан кој секоја година го организира Македонската филхармонија, заедно со Министерството за култура и туризам. Верувам дека ќе бидеме сведоци на вечер која долго време ќе остане во нашите сеќавања, не само поради величествената музика туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е толку убаво осмислено и заедничко, рече тој.

Додаде дека е горд што во оваа изведба учествуваат врвни уметници од трите земји, меѓу кои и нашата светски призната сопранистка Ана Дурловски.

Од концерт на Македонската филхармонија во Градскиот парк, во 2019

Како што посочи, пак, Симос Папанас, директорот на Државната филхармонија од Солун, идејата за заеднички настап на трите филхармонии потекнува од пред три години.

– Идејата беше да се создаваат мостови на соработка меѓу балканските земји на музички план. Силно сме убедени дека во овој регион има многу голем музички потенцијал и многу големи таленти. Но, еден дел што ни остана, а тоа е што не научивме да соработуваме заедно доволно добро. И треба да научиме да го промениме тоа, вели Папанас.

Тој се заблагодари и на нашиот реномиран пијанист Симон Трпчески.

– Тој е голем пријател на нашиот оркестар, кој првпат ме покани во оваа прекрасна сала (н.з. Македонската филхармонија) и беше причината што првпат се сретнав со прекрасните луѓе тука, каде што сум го имал еден од најтоплите пречеци во животот, рече Папанас, истакнувајќи дека Трпчески е негов пријател кој многу го почитува и кој е човекот што, всушност, направил соработката меѓу трите оркестри да стане реалност.

–Во овој турбулентен свет, нашата мисија како уметници е да ги промовираме многу од нашите заеднички работи наспроти малку разлики што ги имаме. За да ја направиме нашата врска силна, пријателството и соработката се единствената опција, вели Папанас.

За сопранистката Ана Дурловски ова е исклучително важен проект, кој покажува дека музиката може да нè обедини и да ги избрише физичките граници меѓу трите земји кои учествуваат во реализација на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.

Концерт-мајсторот Владимир Костов, вели дека концертот е уште една потврда за универзалниот јазик на музиката.

–Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката урива бариери и обединува – вели Костов. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ