Помалку административни процедури, подобра информираност, побрза услуга и помодерен систем на паркирање за жителите и за корисниците во Центар е целта на воведувањето нови мобилни апликации со поголема функционалност, развој на сензорски системи за информации за слободни паркинг- места во реално време, како и унапредување на контакт-центарот и теренската контрола од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. Притоа, апликациите ќе овозможат полесен пристап до информации за паркирањето, известувања, поднесување барања, следење на статусот на корисничките услуги и поедноставена комуникација со претпријатието. Сензорските системи за информации за слободни паркинг- места во реално време првично ќе бидат поставени на монтажните гаражи, затворените паркиралишта и на најоптоварените локации. Новина е и што еднократниот надоместок за процесуирање и склучување договор ќе биде бесплатен кога ќе се склучува договорот по електронски пат. Целта е да се стимулираат граѓаните повеќе да ги користат онлајн услугите, да има помалку чекање на шалтерите и поголем дел од договорите да се обработуваат побрзо и поедноставно

 

Помалку административни процедури, подобра информираност, побрза услуга и помодерен систем на паркирање за жителите и за корисниците во Центар е целта на воведувањето нови мобилни апликации со поголема функционалност, развој на сензорски системи за информации за слободни паркинг-места во реално време, како и унапредување на контакт-центарот и теренската контрола од страна на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

Како што велат од претпријатието, целта на воведувањето нови мобилни апликации е граѓаните постепено да добијат повеќе услуги на едно место, без непотребно доаѓање во дирекцијата.

– Предвидено е апликациите да овозможат полесен пристап до информации за паркирањето, известувања, поднесување барања, следење на статусот на корисничките услуги и поедноставена комуникација со претпријатието. Во рамките на развојот се предвидува и функционалност за информациите за пополнетоста и расположливиот капацитет на одредени паркиралишта во реално време, како и можност граѓаните да пријават проблем или забелешка во надлежност на ЈП ПОЦ или Општина Центар, со насочување на пријавата до соодветната служба – нагласува директорот на претпријатието, Душко Коцевски.

Тој додава дека дел од функционалноста ќе се воведува фазно, согласно со техничките можности и со реалните потреби на корисниците.

Што се однесува до сензорските системи за информации за слободни паркинг -места во реално време, Коцевски објаснува дека пристапот ќе биде постепен и насочен таму каде што е најголем ефектот.

– Не е реално прекуноќ да се постават сензори на секоја улица во Центар. Затоа првично фокусот е на монтажните гаражи, затворените паркиралишта и на најоптоварените локации, каде што корисниците би можеле во реално време да добиваат информација за пополнетоста и за расположливиот капацитет. Тоа ќе помогне да се намали непотребното кружно движење во потрага по паркинг-место и ќе овозможи подобро насочување на возачите – смета Коцевски.

Воедно, тој најави дека паралелно се унапредуваат и контакт-центарот и теренската контрола.

– Работиме на тоа пријавите, барањата и информациите од граѓаните побрзо да стигнуваат до соодветната служба, а теренските екипи да имаат подобра координација и поефикасна реакција. Дигитализацијата не е само услуга за корисниците, таа значи и подобра внатрешна организација, попрецизна евиденција и поквалитетна контрола на терен – дециден е директорот.

Тој спомена дека има новина и во однос на новите правилници и на онлајн аплицирањето.

– Новината е што еднократниот надоместок за процесуирање и склучување договор ќе биде бесплатен кога ќе се склучува договорот по електронски пат. На тој начин сакаме да ги стимулираме граѓаните повеќе да ги користат онлајн услугите, да има помалку чекање на шалтерите и поголем дел од договорите да се обработуваат побрзо и поедноставно – заклучи Коцевски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ