четврток, јуни 11, 2026
Дома СВЕТ Папата Лав порача: Човечкото достоинство нема пасош!

Папата Лав порача: Човечкото достоинство нема пасош!

31
EPA/ALESSANDRO DI MEO / POOL

Папата Лав XIV упати силен апел до светските лидери да усвојат похуман пристап кон мигрантите, предупредувајќи дека историјата ќе ги осуди оние кои молчат пред страдањето на луѓето што бегаат од војна, сиромаштија и прогон.

За време на посетата на Канарските Острови во Шпанија, еден од најважните мигрантски рути кон Европа, поглаварот на Римокатоличката црква рече дека „човечкото достоинство нема пасош и не ја губи својата вредност со преминување на граница“.

Зборувајќи во пристаништето Аргинегин на островот Гран Канарија, место кое хуманитарните организации го нарекоа „Пристаниште на срамот“ поради тешките услови во кои се држени мигрантите за време на пандемијата на коронавирусот, папата ги повика политичарите да покажат поголема солидарност и одговорност, објавува Индепендент.

Тој нагласи дека светот не смее да се навикнува на дневни извештаи за смртни случаи на море, потсетувајќи дека Средоземното Море стана една од најсмртоносните мигрантски рути во светот во последните години.

Обраќајќи се пред толпата на споменикот посветен на мигрантите кои ги загубија своите животи обидувајќи се да стигнат до Европа, папата предупреди дека еден ден ќе се знае дали државите ги заштитиле човечките животи или подлегнале на рамнодушност.

Неговата посета на Канарските Острови е дел од седумдневната турнеја низ Шпанија, за време на која тој продолжи да инсистира на заштита на правата на мигрантите и бегалците.

Папата Лав XIV во последните месеци зазеде сè поцврст став кон миграциските политики на некои земји, а неодамна предизвика контроверзии во Соединетите Американски Држави со критиките за рестриктивните мерки против мигрантите.

Неговите пораки доаѓаат во време кога Европа повторно е вклучена во интензивни дебати за миграцијата, безбедноста на границите и хуманитарните обврски кон луѓето што бараат засолниште.

ИЗДВОЕНИ